8.8 C
Skopje
30 January, 2026

Мапа

независен информативен портал
spot_imgspot_imgspot_img
HomeМакедонијаАрхивот не смее да биде депо на заборавот, туку темел на државноста

Архивот не смее да биде депо на заборавот, туку темел на државноста

- Advertisement -spot_img

Нова енергија, нова динамика и современ начин на перцепција и размислување за улогата на Државниот архив е она што сака да внесе новиот директор на оваа значајна државна институција, Димитар Богески, во работата. Историчар по образование, 45-годишниот Богески е дел од оваа институција уште од 2008 година, извршувајќи најразични функции: раководител на Одделението за Скопје, државен советник и раководител на Одделението – централен дел. Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, тој најавува повеќе проекти и заложби што ќе бидат во фокусот на неговото работење, сè со цел Архивот да не биде само чувар на минатото туку и активен градител на иднината.

о Македонскиот Државен архив годинава навршува 75 години од својата мисија. Колку сте задоволни од статусот на институцијата во македонското општество?

– Почетоците на Државниот архив датираат веднаш по Втората светска војна, кога, во рамките на АСНОМ во 1944 година, беа донесени првите законски прописи за заштита на културно-историските споменици. Официјалното формирање на Архивот се случи врз основа на указот 3/6-II-1951, кога Народното собрание на НР Македонија го донесе Законот за државни архиви. Врз основа на тој Закон, на 1 април 1951 година беше формирана Државната архива на НР Македонија со седиште во Скопје. Главната улога на Државниот архив е прибирање, чување, обработка и заштита на архивскиот материјал, особено оној што произлегува од највисоките државни органи. Архивот е единствената институција што располага со специјализирани сектори и одделенија за заштита и конзервација – лабораторија за конзервација и реставрација, лабораторија за микрофилмување, книговезница, како и Сектор за истражување, меѓународна и домашна соработка и публикување архивски материјал.

Во однос на статусот на институцијата во последната деценија, иако сме самостоен управен орган, за жал, се соочивме со сериозни предизвици: пад на дисциплината, недоволно исполнување на работните задачи, намалени капацитети и недоволна грижа за културното наследство што се чува во нашите депоа. Сепак, во изминатиот краток период успеавме да се справиме со затечените недоследности и почнавме со нова енергија, нова динамика и современ начин на перцепција и размислување за улогата на Архивот. Нашата цел е со забрзани чекори да ги вратиме угледот и достоинството на институцијата, да ја зајакнеме свеста за значењето на архивското наследство како столб на идентитетот и државноста и да го позиционираме Државниот архив како современ европски архив, кој активно учествува во меѓународната научна и културна размена. Со тоа, Архивот не е само чувар на минатото туку и активен градител на иднината.

о Што сè има во депоата? Што е тоа, кои документи и од кои периоди се најзначајните и највредни нешта што се чуваат во депоата?

– Денес, по 75 години дејност, Архивот чува во своите депоа 1.486 архивски фондови, 28 збирки документи, 36.000 архивски кутии, 10.880 архивски книги, 14.245 класери, 18.400 микрофилмови, околу 58 милиони документи и 7 милиони микроснимки. Најстариот документ што го поседува Архивот потекнува од 12 век – Евангелието на свети апостол Лука. Меѓу позначајните фондови се издвојува „Битолскиот кадилак“, кој содржи архивски материјал од 1607 до 1912 година, обезбедувајќи континуитет од три века. Од времето на национално-револуционерното движење на македонскиот народ, зачувани се фондовите на нашите револуционери и преродбеници: Гоце Делчев, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Димитар Влахов, Петар Манџуков, Крсте Мисирков и други. Архивот располага и со фондови од бугарската управа, од Кралството СХС, од окупацијата (1941–1945), како и од Народноослободителната борба, каде што се зачувани многу значајни материјали. Посебно место имаат фондовите од времето на создавањето на македонската држава и нејзината обнова (1944–1991), во кои се чуваат најзначајните документи на Владата, Извршниот совет, Собранието, министерствата и Претседателството на СР Македонија. Архивот низ годините успеал да ја постигне својата цел: да им овозможи на сите граѓани преку документите да ја запознаат својата историја. Само на тој начин можеме да го потврдиме идентитетот и да го осигуриме опстанокот на човековото паметење.

о Колку им се достапни на нашите истражувачи архивските документи што се наоѓаат сега во архивите во други држави?

– Во минатото се спроведени истражувања во архивите каде што постојат сознанија за документи поврзани со Македонија, и тој процес не е прекинат. Дополнително, тенденцијата за зголемување на меѓународната соработка постојано продолжува од наша страна, при што се потпишани низа меморандуми и договори за соработка. Меѓународната соработка е надополнета со значајни посети на странски архиви, насочени кон следење на новите тенденции во архивското работење, како и со научноистражувачки престои на архивските службеници. Тука би сакал да ја издвојам неодамнешната посета на Државниот архив во Турција, каде што имаме одличен однос што подразбира размена на архивисти и истражувачи. Како позитивен пример ќе издвојам двајца наши вработени – ориенталисти, кои донесоа богати фондовски ксерографирани архивски материјали. Она што сакам да го посочам е дека европските архиви се отворени за нас и имаме целосен пристап, но главна пречка претставуваат финансиските средства. Дополнително, треба да се нагласи дека пристапот до архивите во соседните земји е од особено значење, бидејќи голем дел од историските документи за Македонија се чуваат токму таму. За да им се олесни работата на нашите истражувачи, потребно е да се обезбедат повеќе стипендии, грантови и финансиска поддршка за нивните престои во странство. На крајот, неопходно е да се развива стратегија за дигитализација и размена на архивскиот материјали, што би овозможило нашите истражувачи да доаѓаат до значајни документи без да се соочуваат со големи финансиски и логистички пречки.

о Можно ли е тие архиви да ни дадат, да ни отстапат архивски материјали значајни за Македонија? Од што зависи тоа?

– Преговорите сè уште траат, а нашата цел е документите што се настанати и поврзани со Македонија да ги добиеме во изворна форма. Паралелно со тоа, нашите напори се насочени кон обезбедување финансиски средства за нивна дигитализација, со што тие ќе станат достапни за јавноста. Во голем број случаи, архивите на другите држави не дозволуваат отстапување на оригиналите, бидејќи тие претставуваат национално културно наследство. Затоа најчесто се овозможува пристап преку копии, микрофилм или дигитални записи. Дополнително, важна е и подготвеноста на самите архиви да соработуваат и да ги споделат материјалите. Нашата стратегија е да изградиме доверба и партнерство со странските архиви, преку редовни посети, размена на експерти и заеднички проекти. На тој начин, не само што обезбедуваме копии од значајни документи туку и создаваме услови за нивна систематска обработка и научна анализа.

о Како Државен архив, работите во новата зграда, но има забелешки за неа дека е недоволно сигурна и безбедна. Нели е тоа ризик да ги загубиме највредните работи?

– Вистина е дека се соочуваме со одредени проблеми од технички карактер и вистина е дека Владата, преку Службата за општи и заеднички работи, вложува напори за подобрување на техничките услови во самата зграда. Како директор на Државниот архив, со визија за оваа дејност, сметам дека, како и во другите европски земји (Словенија, Турција), при економско стабилизирање на држават во наредниот период, треба да презентираме план што во следните децении ќе ги исполнува потребните предизвици во согласност со времето и современите стандарди. Тоа значи дека мојата цел е да презентирам план за нов објект, кој ќе ги задоволува сите меѓународни стандарди за заштита и чување на архивскиот материјал. Во меѓувреме, преземаме конкретни мерки за заштита на постојниот архивски материјал – редовно мониторирање на условите во депоата и обезбедување специјални заштитни пакувања за највредните документи, со една цел, а тоа е намалување на ризикот од нивно оштетување и да се обезбеди нивна трајна достапност за истражувачите и за јавноста.

о Процесот на дигитализација на архивската граѓа што ја имате е императив за секој, па и за нашиот Архив? До каде сте на тој план?

– Постојат ли одредени проблеми тука? Што треба да донесе дигитализацијата? За жал, процесот на дигитализација беше крајно запоставен во последните десет години. Морам да признаам дека, како институција, немаме дигитализирано ни еден процент од вкупниот број документи што ги поседуваат Државниот архив и неговите подрачни одделенија. Една од главните причини за тоа е немањето изработен софтвер или платформа врз која идните скенирани документи би биле достапни за јавноста. Сепак, овие проблеми нема да се стават под тепих. Во наредниот период, активно ќе влеземе во директно решавање на наталожените предизвици и затоа почнавме пилот-проект во соработка со Словенија за изработка на софтвер. Тој проект треба да донесе многу придобивки, бидејќи ќе овозможи граѓаните во Македонија, но и низ светот, да имаат пристап до документи од историско, културно, економско и од социјално значење со само неколку клика. Покрај тоа, дигитализацијата ќе овозможи заштита на оригиналните документи од физичко оштетување, ќе им ја олесни работата на истражувачите и ќе ја зголеми транспарентноста на институцијата. Дигитализацијата ќе донесе и економски придобивки преку намалување на трошоците за физичко чување и преку можноста за обезбедување дополнителни приходи преку специјализирани услуги за истражувачи и за институции.

о Дали вредната архивска граѓа е сè уште надвор во приватните архиви, особено кај поранешни значајни државни раководители, директори?…

– Познато е дека некои поранешни македонски функционери ѝ ги отстапиле своите архиви на МАНУ. Дали требаше Архивот да биде нивни чувар? Потребни ли се некакви промени во тој поглед, на пример, да биде обврска давањето такви функционерски архиви на Државниот архив бидејќи тие ги создале вршејќи државна должност? Инспекциската служба при Државниот архив е таа што врши надзор над архивскиот материјал што го создаваат државните институции, како и претседателот и Владата. Според законот, тие се должни да водат грижа за архивскиот материјал од трајна вредност и по истекот на 20 години од нивната оперативна служба, тој материјал мора да биде предаден во Државниот архив за научноистражувачки цели. Таа контрола е значително зајакната и веќе дава конкретни резултати, бидејќи голем дел од архивскиот материјал се наоѓа во нашите депоа. Сепак, во изминатиот период имало истакнати функционери што одлучиле да ги предадат своите лични фондови на други институции, иако нивниот личен материјал требало да се најде во Државниот архив. Тоа било нивна одлука. Во иднина, ќе се обидеме да разговараме со тие институции и да побараме да биде предаден тој материјал и да се чува таму каде што му е вистинското место – во Државниот архив на Македонија. Дополнително, сметаме дека е потребно да се разгледаат законски измени со кои ќе се утврди обврската функционерските архиви, создадени при вршењето државна должност, задолжително да се предаваат во Државниот архив. На тој начин ќе се обезбеди нивна трајна заштита и ќе се спречи нивно расфрлање или губење.

Изградба на нов современ архив

о Што треба да биде трајно решение со објектот на Државниот архив: враќање во старата зграда, реконструкција на постојната, нов објект?…

– Старата зграда ја заврши својата намена, таа беше создадена по сите критериуми во согласност со времето во кое беше изградена. Нејзината цел беше да ја извршува својата дејност и функција во наредните 40 години. Секако, тие 40 години поминаа и објектот е доделен на друга институција. Свесни сме дека денес ни се потребни поинакви стандарди, а развојот на технолошките унапредувања не ни дозволува да се вратиме на старото место. Затоа нашиот план останува да понудиме ново решение: изградба на современ архив, кој ќе ги исполнува сите врвни технички и дигитални услови во наредните децении. Новата зграда треба да биде проектирана според највисоките стандарди за противпожарна заштита, контрола на влагата и температурата, како и со специјализирани депоа за чување на највредните документи. Паралелно, мора да се предвиди и современ центар за дигитализација, кој ќе овозможи архивскиот материјал да биде достапен и онлајн.

Изложби, промоции на изданија и документи за одбележување на јубилејот

о Одбележувате вреден јубилеј, планирате ли соодветни активности?

– Оваа 2026 година е јубилејна – 75 години од основањето на Државниот архив. Овој јубилеј ќе се одбележи, покрај со свечената академија на 1 април, денот на основањето на Архивот, и со промоција на изданија и документи што ги опишуваат историјата и текот на нашата држава. Промоциите ќе бидат јавни и достапни за сите граѓани и истражувачи. Исто така се планирани и многу изложби за кои јавноста ќе биде навремено известена.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img