Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, во синоќешната емисија „Клик Плус“, остро реагираше на рефератот подготвен од Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците, кој според него „го масакрира албанскиот јазик“ и сериозно го загрозува Законот за употреба на јазиците. Со ова, според Адеми, се оспоруваат речиси сите членови, освен оној што го утврдува македонскиот како службен јазик.
„Овој реферат го масакрира албанскиот јазик. 27 – 48 18 одредби да се укинат, 18 одредби во 9 члена, законот за јазици врз основа на иницијативите бил нападнат да се поништи целосно, не само неколку членови од законот за јазици. Сите членови се оспорени, замислете, знаете кој член не е оспорен – член 1, став 1, каде што пишува дека службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Сите други членови се нападнати со иницијативи. И судијката известителка така го подготвила предметот: бара да се укинат 18 одредби во девет члена, на пример член 1, став 2, каде што се споменува албанскиот јазик, бара да се укине. И тоа во заграда, албанскиот јазик, вели дека треба да се укине.“, изјави Адеми.
Адеми ги повика институциите да ги зачуваат овие права, нагласувајќи дека се стекнати со жртва. Тој ги обвини албанските претставници во владата дека дејствуваат во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, и Уставниот суд не одлучува врз професионални основи, туку следи политичка агенда.
„Ова е исто како ’89, кога беше укинат Уставот на Косово, па потоа да излезе Рахман Морина и да каже: знаете што, се укина автономијата, бидејќи автономијата не е независност и ние ќе ја направиме независноста. Господине, зачувајте ја автономијата, и овие господа тука, зачувајте го ова, затоа што ова е стекнато со крв. А, не да доаѓате тука и да станете алатка на ВМРО-ДПМНЕ, да им бидете адвокат. Уставниот суд одлуките ги носи врз политичка основа. Го кажавте тоа што и ние го велиме: дека Уставниот суд не суди врз основа на професионални аргументи, не ја оценува уставноста и законитоста, туку ја спроведува програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а овие последниве се претворени во марионети кои им служат како адвокати“, рече Адеми.
Според Адеми, Амандманот 5 од Уставот гарантира употреба на јазикот што го зборуваат над 20% од граѓаните и дозволува негово уредување со закон, и токму врз таа основа, како што нагласи тој, е донесен и Законот за јазици од законодавецот. Врз основа на овие одредби, Адеми смета дека Уставниот суд треба да се прогласи за ненадлежен за ова прашање.








