Според најновото истражување на Институтот за политички истражувања (ИПИС) „Перцепција на граѓаните за рејтинг на партии и политичари“, доколку следната недела се одржат парламентарни избори, најмногу граѓани би гласале за владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 26 проценти. Опозициската СДСМ би добила 8,9 проценти, а следат Коалиција ДУИ со 8,9 проценти, Коалиција ВЛЕН со 8,2 проценти, Левица со 5,9 проценти, ЗНАМ со 3,9 проценти, додека за друга партија би гласале 1,7 проценти. За ниедна партија нема да гласаат 13,1 процент, 11 проценти не сакале да одговорат, а 11,7 проценти не знаат или немаат став.
На прашањето „Во кој политичар имате најголема доверба?“, 27,3 проценти од испитаниците го навеле претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Мнозинството од испитаниците, 25,5 проценти, одговориле – ниеден, а 9,5 проценти не знаат или немаат одговор. Потоа следуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети со 9 проценти, претседателот на СДСМ, Венко Филипче со 5,1 процент, Димитар Апасиев од Левица со 5 проценти, Максим Димитриевски со 3,8 проценти, Изет Меџити со 3,5 проценти, Билал Касами со 2,8 проценти, Африм Гаши со 2,3 проценти, претседателката Гордана Сиљановска Давкова со 2,1 процент, поранешниот претседател Стево Пендаровски со 1,3 проценти и поранешниот премиер Никола Груевски со 1,1 процент.
Во однос на работата на Владата, 26,1 процент од испитаниците имаат позитивно мислење, 26 проценти – донекаде позитивно, 23,4 проценти – негативно, а 17,9 проценти – донекаде негативно.
Мнозинството од граѓаните ја поддржува примена на системот „Безбеден град“, односно поставување камери за мерење на брзина и други сообраќајни прекршоци. Цели 63,9 проценти изразиле целосна поддршка, 12,6 проценти донекаде да, 7,5 проценти – не воопшто, а 5,2 проценти – донекаде да.
Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета меѓу 1.114 полнолетни испитаници на ниво на целата држава од 15 до 18 декември 2025 година. Примерокот бил случаен и стратификуван за да се обезбеди репрезентативност според пол, старосна група, образование, етничка припадност и место на живеење, со посебно земено Скопје како целина.
ИПИС нагласува дека истражувањето е финансирано од сопствени средства и е спроведено со цел анализа на рејтинзите на партиите и довербата во политичките лидери.







