Состојбата со пожарите во Македонија и натаму е сериозна, а најголем предизвик во моментов претставува пожарот во атарот на селото Никуштак, Општина Липково, кој е вон контрола и се движи кон манастирот над Матејче и кон самото село, информираше утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.
Овој пожар и покрај вчерашната интервенција на „ер-тракторите“ на ДЗС останува активен. Според Ангелов, леталата вчера истуриле 81 тон вода врз огнот, но пожарот продолжил да се шири. „Постои можност денес да ги загрози блиските села, но и таму ќе концентрираме доволно луѓе и опрема за одбрана на селата, со тоа што овие се ‘живи’ села, полни со луѓе и нивната одбрана вообичаено е полесна затоа што нема толку висока вегетација во самите села“, изјави Ангелов.
Во меѓувреме, состојбата во Мариовско, каде со денови беснее големиот пожар во реонот на Чаниште, Крушевица, Лопатица и Црна Река, е значително подобрена. Пожарната линија која се гледала од регионалниот пат Прилеп–Битола е целосно изгасната, а останал активен само еден крак зад планината, високо над селото Бонче.
Ангелов му се заблагодари на тимот за брз одговор на ДЗС, составен од доброволни пожарникари од Битола и Кочани, кои работеле во исклучително тежок терен. „Голема благодарност до тимот за брз одговор на ДЗС, составен од доброволни пожарникари од Битола и Кочани кои се качија високо во ридиштата и ја гаснеа огнената линија чекор по чекор, метар по метар, километар по километар. На мое големо неверување изгаснаа повеќе километри огнена линија којашто сега ја нема“, рече Ангелов.
Сепак, тој предупреди дека опасноста во Мариовско не е целосно помината, особено поради очекуваното зголемување на дневните температури. „Останува да внимаваме. Овде има пожарникари од Прилеп, исто така, тука се и посадите на два ‘пинцгауери’ на ДЗС коишто ќе внимаваат доколку дојде до реактивирање на огнената линија, таа да биде изгасната“, додаде директорот на ДЗС.
Според Ангелов, пожарот од мариовската страна е изгаснат или ставен под целосна контрола, а тој очекува во текот на денот да биде целосно изгаснат. Станува збор за најголемиот пожар оваа сезона, кој се ширеше низ терен со висока и сува трева, грмушки, трње и нискоквалитетна шума.
Покрај Липковско и Мариовско, активен останува и пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, каде повторно е активиран модулот за шумски пожари на ДЗС, составен од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на Дирекцијата.
„Тие работеа вчера, ќе работат и денес на гаснењето на повеќето краци на овој пожар којшто се одвива низ екстремно ‘негостољубив’, карпест терен, каде што движењето на луѓето е многу отежнато, а некаде едноставно и невозможно. Самиот терен не дава голем ефект од употреба на ‘ертрактори’, па дури и на хеликоптер во овој момент“, објасни Ангелов.
Активен е и пожарот на територијата на Општина Студеничани, кој се движи кон планината Китка. Огнот е на тежок терен со густа шума, грмушки, трње и трева, каде движењето на пожарникарите е исклучително отежнато.
Скопските пожарникари денеска преку одредени пресеци ќе се обидат да воспостават барем делумна контрола врз пожарот, кој трае веќе неколку дена. ДЗС повторно апелира до граѓаните на максимална внимателност и избегнување активности со кои може да се предизвика пожар.






