Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, најави дека доброволните пожарникари ќе добијат институционална поддршка преку ДЗС, а со средствата предвидени со ребалансот на Буџетот ќе се овозможи нивно поголемо ангажирање во текот на летната сезона.
Во гостување на телевизија Сител, Ангелов истакна дека доброволните пожарникари, кои досега беа дел од тимовите за брз одговор на ДЗС, ќе бидат институционализирани, со што ќе добијат поголема поддршка за нивниот ангажман.
„Доброволните пожарникари излегуваат на терен, ризикуваат и често ја губат дневната заработка. Тие заслужуваат соодветна поддршка за тоа што го прават“, нагласи Ангелов.
Осврнувајќи се на неодамнешната кризна состојба во Гостивар, тој рече дека механизмите за кризниот менаџмент биле активирани веднаш по исполнувањето на законските услови, а од иницирањето на постапката до прогласувањето кризна состојба поминале помалку од три часа.
Според него, во справувањето со состојбата биле вклучени Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и локалната самоуправа во Гостивар.
Ангелов информираше дека за граѓаните биле обезбедени доволни количини вода за пиење и техничка вода, а координацијата меѓу институциите и локалните власти се одвивала непречено.
Говорејќи за справувањето со пожарите, тој ја нагласи важноста на соработката со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), чии прогнози овозможуваат навремено и правилно насочување на воздушните ресурси.
„Воздушната поддршка е исклучително важна, но пожарите не можат да се изгаснат без луѓето на терен“, порача Ангелов, додавајќи дека токму затоа ова лето посебен акцент е ставен на доброволните пожарникари и тимовите за брз одговор на ДЗС.






