Пожарот што синоќа избувна кај Куклиш се проширил до првите куќи и оранжерии во селото, но со брза интервенција на пожарникарите било спречено огнот да зафати домови и поголеми земјоделски површини.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека ситуацијата кај Куклиш била особено критична, а во гаснењето на пожарот покрај струмичките пожарникари биле вклучени и екипи од Радовиш и Валандово.
„Постоеше опасност и по куќите, но и по земјоделските површини околу селото“, изјави Ангелов.
Пожарот избувнал околу 21 часот на периферијата на Куклиш. Силниот ветер придонел огнот за кратко време да се прошири кон населеното место и оранжериите, по што била мобилизирана целата Територијална професионална противпожарна единица од Струмица.
Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, во интервенцијата учествувале 40 пожарникари-спасители со 12 противпожарни возила. Огнот бил ставен под контрола, а домовите и имотот на жителите биле заштитени.
Ситуацијата во струмичкиот регион во текот на вечерта била дополнително отежната затоа што пожари избувнувале на повеќе локации. Жаришта биле регистрирани кај Баница, Банско, Муртино и Моноспитово, а силниот ветер го забрзувал нивното ширење и ја отежнувал работата на пожарникарите.
Ангелов информира дека во текот на претходниот ден во Македонија повторно биле регистрирани повеќе од 30 пожари на отворен простор. Податоците објавени утрово покажуваат дека во периодот до 7:30 часот биле евидентирани вкупно 31 пожар, од кои пет биле активни, еден под контрола, а 25 изгаснати.
Тој повторно апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни, особено поради сувата вегетација, која овозможува огнот брзо да се прошири и при најмала искра.
Паралелно со интервенциите во струмичко, пожарникарските екипи продолжуваат да се справуваат и со пожарот на Жеден. Според Ангелов, огнот се движи во правец кон Радуша и зафаќа тешко пристапен карпест терен, но засега нема непосредна опасност за населено место.






