Алпите претставуваат срцето на европската хидроенергија и клучниот извор на флексибилност за интеграција на ветерните и соларните капацитети во електроенергетските системи. Планинскиот масив, кој се протега низ повеќе држави, располага со големи акумулации и турбини сместени на височини над 1.800 метри, како и со бројни мали хидроцентрали и пумпно-акумулациони постројки. Овие капацитети се дел од националните системи на Швајцарија, Австрија, Италија и други земји.

Според Федералната канцеларија за енергија на Швајцарија, земјата е четврта во Европа според уделот на хидроенергијата во производството на струја – веднаш зад Норвешка, Австрија и Исланд. Заклучно со крајот на минатата година, Алпскиот регион располагал со 704 хидроцентрали со вкупен капацитет од 16.576 MW и годишен производствен потенцијал од 37.350 GWh.
Во Австрија, пак, 60,2% од целата произведена електрична енергија во 2023 година доаѓала од хидроцентрали, додека на северот на Италија токму хидропотенцијалот од Алпите за првпат ја надминал производството на електрична енергија од фосилни горива, со околу 36 TWh во 2024 година.

Судир на енергија и екологија
Најмоќната пумпно-акумулациона хидроцентрала во Европа – Grand’Maison со капацитет од 1.800 MW – се наоѓа во францускиот дел на Алпите. Но, според еколошките организации, расте судирот помеѓу енергетските потреби и заштитата на природата: околу 21% од постојните хидроцентрали се сместени во заштитени подрачја, а 28% од планираните проекти предвидуваат изградба токму во вакви региони.
Ова значи дека речиси секој трет иден проект би зафатил простори кои формално се прогласени за национални паркови, природни резервати или други категории на заштита. Дополнително, алпските реки се под притисок од брани кои мора да го одржуваат таканаречениот „еколошки минимум“ на проток на вода во сушните месеци.
Швајцарија често се наведува како пример за управување со овој предизвик. Таму Федералната канцеларија за енергија (BFE) обезбедува детална статистика за секој проект – од инсталиран капацитет до влијание врз речните сливови – со што се одредуваат минималните проточни режими за зачувување на биодиверзитетот.
Пиринеите: енергија и туризам
И Пиринеите, кои ја делат Шпанија од Франција, играат значајна улога. Покрај енергетското производство, хидроинфраструктурата таму е интегрирана во локалниот пејзаж и претставува туристички потенцијал. Еден од најважните примери е пумпно-акумулациониот систем Estany Gento–Sallente во Каталонија, со капацитет од 446 MW, кој обезбедува флексибилност за интеграција на соларните и ветерните капацитети во шпанската мрежа.
Карпатите: поинаков енергетски профил
За разлика од Алпите и Пиринеите, Карпатите во Централна и Источна Европа имаат поинаква улога. Во Словачка нуклеарната енергија доминира во енергетскиот микс, додека хидроцентралите учествуваат со околу 14%. Романија се потпира на Дунав за најголемиот дел од хидропроизводството, а во Украина плановите за нови мали хидроцентрали во Карпатите останаа нереализирани поради војната.
Различни улоги, заеднички предизвици
Иако трите планински региони – Алпите, Пиринеите и Карпатите – изгледаат слични, нивната улога во енергетските системи е различна. Алпите се вистинска европска „енергетска банка“, Пиринеите ја спојуваат енергијата со туризмот, а Карпатите се засенети од Дунавските мегапроекти.
Овие разлики ја нагласуваат важноста на географијата, националните политики и економскиот развој во обликувањето на улогата на планините во европската енергетска транзиција.









