Во моментот кога авионот се приближувал кон пистата на меѓународниот аеродром во Лос Анџелес, контролорот на летање почувствувал земјотрес и веднаш им наредил на пилотите да го прекинат слетувањето и да кружат во воздух.
„Delta 628, ако ме слушате, продолжете со кружно летање, одржувајте 2.000 стапки“, се слуша во комуникацијата со пилотот, додека авионот останува во воздух.
Земјотресот со магнитуда од 5 степени се случил во саботата наутро, околу 9:30 часот по локално време. Според Американската геолошка служба, епицентарот бил на околу 10 километри од брегот на Менхетн Бич.
Снимката од комуникацијата меѓу контролорот и пилотите привлече внимание на социјалните мрежи, особено поради смирената и брза реакција во момент кога безбедноста на патниците и екипажот беше приоритет. Според првичните информации, нема пријавени повредени или штета поврзани со земјотресот.






