Американскиот актер и танчер Стивен Хак, познат по појавувањето во култниот филм „Брилијантин“ и учеството во оригиналната бродвејска поставка на мјузиклот „Мачки“, почина на 69-годишна возраст.
Според информациите што ги соопштило неговото семејство, актерот починал на 19 ноември во својот дом во Лос Анџелес, како последица на срцев удар.
Тажната вест ја потврдила и театарската компанија „Интеракт театар компани“ од Норт Холивуд, чиј коосновач бил Хак.
Неговата агентка Шејла Елис се загрижила откако актерот во период од 24 часа не одговорил во врска со две закажани аудиции. Како што објаснила, таквото однесување било крајно невообичаено за него, бидејќи бил исклучително одговорен кон своите професионални обврски.
„Никогаш не пропушташе ништо, па се загриживме кога во рок од 24 часа не потврди две аудиции“, изјавила Елис за „Ју-Ес-Еј тудеј“.
Хак зад себе остави кариера во филмската и театарската уметност, а неговото име останува поврзано со две исклучително популарни остварувања – филмот „Брилијантин“ и мјузиклот „Мачки“, кои одбележаа цели генерации.






