Лидерите на Европската унија и на земјите од Западен Балкан попладне во Брисел седнуваат на иста маса. Македонската делегација ќе ја предводи премиерот Мицкоски.
Во фокусот на самитот, планот за раст, добрососедските односи и помирувањето. Домаќини ќе бидат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Очекувањата се Брисел да ја потврди европската перспектива на Западен Балкан, а според официјалната најава на Советот на Европската унија, самитот ќе биде и можност до лидерите во регионот да се упати порака за забрзување на реформите.
„Пристапување на земјите-кандидатки е наш приоритет, наша заедничка амбиција и клучна геополитичка инвестиција во овие предизвикувачки времиња. Унијата е и ќе остане најсигурниот партнер на регионот“, изјави претседателот на европскиот совет, Антонио Кошта.
Според најавите, ќе се разгледува и справувањето со заедничките предизвици, зајакнување на безбедноста и отпорноста во услови на се посложен геополитички пејзаж.






