домаМакедонијаСекој втор возрасен пуши, за цигари троши по 4.800 денари месечно

Секој втор возрасен пуши, за цигари троши по 4.800 денари месечно

- Advertisement -spot_img

Секој втор возрасен граѓанин во земјава пуши, а за цигари месечно издвојува во просек околу 4.800 денари, покажува истражувањето презентирано на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, организирана од тинк-тенкот „Аналитика“, во соработка со Светската здравствена организација. Секојдневното пушење пораснало од 43 на 48,1 отсто, а доколку се земат предвид и новите тутунски и никотински производи, распространетоста на употребата достигнува 54 проценти. Истражувањето било спроведено на 1.065 возрасни испитаници.

Речиси секој четврти пушач консумира повеќе од 20 цигари дневно и спаѓа во категоријата тешки пушачи, додека околу 40 проценти пушат меѓу 10 и 20 цигари дневно. Загрижувачки се и податоците за младите, според кои 17 отсто од малолетниците користат класични цигари или цигари со загреан тутун.

Покрај здравствените последици, истражувањето ја покажува и финансиската цена на пушењето. Според министерот за здравство Сашо Клековски, просечниот пушач годишно издвојува повеќе од 600 евра за цигари, што е повеќе од годишниот износ што се издвојува за здравствено осигурување.

„Значи, ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари. Мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето отколку што издвојува за да го заштити здравјето“, рече Клековски. Според него, треба да постои општествен консензус околу две основни прашања – да не се пуши во затворени простории и да не им се продаваат цигари и слични производи на малолетници. Министерот предупреди дека, според извештаите, повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени кога се обиделе да купат цигари. Најави дека по донесувањето на новиот закон, посебен акцент ќе биде ставен на контролата на продажбата на тутунски производи на лица под 18 години.

За проблемот со достапноста говореше и претставникот на СЗО, д-р Аким Али, шеф на канцеларијата и специјален претставник на организацијата, кој порача дека тутунските производи треба да поскапат за да станат помалку достапни, особено за младите.

– Луѓето треба да застанат пред да посегнат по паричникот за да купат цигари. Тоа е прва мерка. Второ, многу важно. Луѓето што не пушат, не треба да се изложени на чадот. Бескомпромисно. И во Северна Македонија можеме да стигнеме до тоа ниво зашто сме биле таму и претходно. Има закон во Собранието. Трето, пушењето не е избор на животен стил, воопшто. Пушењето е зависност. Младите воопшто не треба да се изложени на чадот од цигарите. Кога поминувам покрај училиштата и гледам како млади и наставниците пушат пред училиштата, многу сум загрижен. Ако ги направиме овие четири работи, ќе имаме напредок и прогрес – изјави доктор Аким Али.

Податоците од истражувањето покажуваат дека цената е голем мотив за откажување од пушењето. Кај 47,3 проценти од пушачите кои се обиделе да се откажат, цената била главната причина за таквиот обид. Сепак, цигарите станале 17,3 проценти подостапни во однос на просечната плата, бидејќи платите растеле побрзо од нивните цени. Дополнително, 62 проценти од испитаниците забележале пушење во ресторани и кафулиња, што укажува дека законските забрани и нивното спроведување остануваат важен дел од политиките за заштита на здравјето.

Новиот закон за заштита од пушење, кој треба да воведе построги ограничувања за употребата и рекламирањето на тутунските производи, сè уште е во собраниска процедура. Клековски информира дека предлогот се разгледува на комисиско ниво и дека побарал да му се даде приоритет. По усвојувањето ќе следуваат подготовките за негово спроведување, вклучително и обуки на инспекциските служби.

– Мислам дека поголем проблем ќе биде пушењето во канцелариите отколку во рестораните – рече Клековски.

Министерот ја отвори и можноста дел од приходите од акцизите на тутунските производи да се насочуваат кон здравствениот фонд, со цел средствата собрани од производи штетни за здравјето да се користат за лекување на последиците од нивната употреба.

На Клиниката за торакална хирургија годишно се дијагностицираат од 600 до 700 пациенти со рак на белите дробови, од кои најголемиот дел се пушачи, а многумина се јавуваат кога болеста е веќе во напреднат стадиум. (П. А.)

Што сè може да се купи наместо цигари?

Со 57.600 денари, колку што годишно би потрошил пушач кој купува цигари за 4.800 денари месечно, може да се купи многу храна. Според објавените цени за Скопје во 2026 година, за тие пари може да се купат околу 142 килограми пилешко филе, или повеќе од 1.380 векни бел леб од 500 грама, или околу 830 литри млеко. Парите што еден пушач ги остава за цигари во текот на една година можат да му обезбедат и многу забава. Со оваа сума може да купи од 147 до 240 кинобилети во Скопје, каде што цените на билетите се движат од 240 до 390 денари. Тоа се 73 до 120 кинопосети за двајца, односно можност секој викенд да се гледа филм во текот на цела година. Ако наместо цигари ги трга настрана овие пари, пушачот може да си дозволи и одмор. Според објавените туристички цени за 2026 година, двокреветна соба со појадок во хотел од средна категорија во земјава чини околу 45 до 80 евра за ноќевање. Со годишните 600 евра за цигари, може да се платат приближно од 7 до 13 ноќевања, без дополнителните трошоци за храна и превоз.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img