домаМакедонија„Пријатели на Западен Балкан“ во Атина – ЕУ ги отвора вратите, реформите...

„Пријатели на Западен Балкан“ во Атина – ЕУ ги отвора вратите, реформите се влезница

- Advertisement -spot_img

ЕУ е подготвена за нов круг на проширување, но напредокот на кандидатите ќе зависи од конкретните резултати во спроведувањето на реформите, порача од Атина еврокомесарката Марта Кос. На министерскиот состанок, Грција ја потврди поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, оценувајќи дека проширувањето е инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на континентот. Шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис упати пофалби за напредокот на Македонија во дигиталната трансформација, усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и реформата на јавната администрација. Министерот Тимчо Муцунски се заложи за кредибилен и предвидлив пристапен процес.

Европската Унија е подготвена за нови кругови на проширување, но напредокот на секоја земја кандидат ќе зависи од конкретните резултати во спроведувањето на реформите, порача еврокомесарката за соседство и проширување, Марта Кос, при пристигнувањето на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан во Атина. Кос оцени дека 23 години по усвојувањето на Солунската агенда, конечно, се создаваат услови за реализација на тогашните ветувања за европска интеграција на регионот. Како позитивен пример го посочи напредокот на Црна Гора и на Албанија, кои се најдоа меѓу четирите земји што предничат во моментов во пристапниот процес, изразувајќи надеж дека нивниот пример ќе биде поттик и за другите кандидати.

Кос: Проширувањето е приоритет

Таа нагласи дека актуелните геополитички околности ја прават интеграцијата на Западен Балкан уште поважна, но и дека обврската за напредок е двострана: покрај реформите што треба да ги спроведат земјите кандидати, и Унијата мора да се подготви за нови членки.

– Имаме добри можности за напредок во пристапниот процес бидејќи проширувањето повторно ѝ е приоритет на целата Европска Унија. Но, јасно е дека само земјите што остваруваат резултати во спроведувањето на реформите може да одат напред. Кога зборувам за реформите, најважниот дел, се разбира, се однесува на основните прашања. Живееме во предизвикувачки геополитички времиња и, секако, важно е и ние, како Европска Унија, да ги исполниме нашите обврски. Токму затоа ја објавивме и комуникацијата за подготвеноста на Европската Унија за проширување. А одговорот е јасен: да, Европската Унија е подготвена за следните кругови на проширување. Се разбира, предложивме и одредени приспособувања, но се надевам дека со следните проширувања, Европската Унија ќе успее да стане уште посилна – порача еврокомесарката.

Како што пренесе МИА, Кос изразила надеж дека во текот на грчкото претседавање со Советот на Европската Унија во втората половина на следната година, Грција „ќе работи навистина неуморно на процесот на проширување“.

Еврокомесарката за соседство и проширување учествува на министерскиот состанок во Атина, на групата „Пријатели на Западен Балкан“, заедно со министрите за надворешни работи на шест земји членки на Европската Унија и на шесте партнери од Западен Балкан, меѓу кои и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Беше планирано на состанокот да биде и потпретседателката на Европската комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, меѓутоа поради штрајкот во воздушниот сообраќај во Белгија, таа не беше во можност да пристигне во Атина.

Во Атина, Македонија доби пофалби од шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, кој истакна дека земјава веќе бележи значителен напредок во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и во реформата на јавната администрација.

– Северна Македонија веќе постигна значителен напредок во повеќе области, особено во дигиталната трансформација, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика, како и во одредени аспекти на реформата на јавната администрација. Честитки, драг мој Тимчо! – рече Герапетритис, кој е домаќин на состанокот.

Целината е поголема од нејзините делови

На отворањето на пленарната сесија, шефот на грчката дипломатија оцени дека во моментов постои поволен момент за придвижување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, кој треба да се искористи и да добие дополнителен поттик. Тој го поздрави големиот интерес за состанокот и ја потврди посветеноста на Грција на европската перспектива на регионот, повикувајќи се на поддршката што Атина ја промовира уште од Солунската агенда во 2003 година.

Герапетритис посочи дека актуелниот напредок и засилените разговори за следните чекори во проширувањето укажуваат на постоење нова динамика во процесот. Според него, во фокусот на дискусиите се прашањата за институционалните механизми што ќе го овозможат следното проширување, како и конкретните форми на поддршка што може да им ги обезбеди Европската Унија на западнобалканските партнери, на нивниот пат кон членство.

– Аристотел рекол – а јас често го повторувам овој цитат бидејќи многу ми се допаѓа – дека целината е поголема од нејзините делови. Токму така ја опишуваме важноста на проширувањето и за Европската Унија и за партнерите од Западен Балкан. Понекогаш забораваме дека проширувањето е подеднакво важно и за самата Европска Унија, бидејќи тоа ја одразува волјата на народите што се пред портите на Унијата да станат дел од нашето европско семејство. Пристапувањето на Западен Балкан кон Европската Унија, како што препознаваме сите, претставува инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот – посочи Герапетритис.

Тој додаде дека Западен Балкан се наоѓа на исклучително чувствителен геополитички крстопат, стратешки позициониран меѓу Источна Европа и Источниот Медитеран – два региони што, како што рече, за жал, претставуваат жаришта на меѓународни кризи.

-Западен Балкан е неопходен за заокружување на политичкото единство на нашиот континент и за воспоставување географски континуитет на Европската Унија. За сите нас, земјите од Западен Балкан се наши непосредни соседи, со кои споделуваме предизвици и заедничка иднина. Токму затоа мора да се одржи моментумот и дополнително да се зајакне – нагласи шефот на грчката дипломатија.

Македонскиот шеф на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, како што соопштија од минситерството, ја потенцирал важноста на кредибилен и предвидлив пристапен процес и ги поздравил предлозите на Европската комисија насочени кон олеснување на процесот на донесување одлуки во Советот на ЕУ.

-Воедно, тој потенцираше дека концептот на постепена интеграција треба дополнително да се надградува со иницијативи што ќе овозможат поактивно учество на земјите од регионот во креирањето на политиките на Европската Унија и ќе носат конкретни придобивки за граѓаните, стои во соопштението.

Во фокусот на состанокот биле актуелните предизвици на политиката на проширување во сегашниот геополитички контекст, како и следните чекори во насока на забрзување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Во пресрет на состанокот, како што пренесе МИА, министрите за надворешни работи на шесте земји од ЕУ и на шесте земји од регионот имаа неформална вечера. Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија, а нејзината цел е поддршка за забрзување на пристапниот процес и интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. (В. С. Н.)

https://www.vecer.press/prijateli-na-zapaden-balkan-vo-atina-eu-gi-otvora-vratite-reformite-se-vleznicza/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img