домаМакедонијаСкопје: Татко и син брутално нападнале лекар и медицинска сестра од Итната...

Скопје: Татко и син брутално нападнале лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош во близина на Поликлиниката „Јане Сандански“

- Advertisement -spot_img

Скопје, 21 ноември, Журнал.мк – Тежок инцидент се случил денеска, околу 17:00 часот, во близина на Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, каде што лекар и медицинска сестра од екипа на Итната медицинска помош, наводно, биле физички нападнати од две лица, татко и син. Како последица на нападот, двајцата здравствени работници се здобиле со телесни повреди и завршиле во болница, каде што им била укажана медицинска помош, дознава Журнал.мк.

Според неофицијалните информации, Журнал.мк од извори блиски до Поликлиниката „Јане Сандански“, дознава дека инцидентот се случил по недоразбирање во врска со транспортот на пациент до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Изворите наведуваат дека пациентот, повозрасен маж со дијагностицирано онколошко заболување, наводно неколку часа пред инцидентот испил антифриз со намера да си го одземе животот. Со оглед на тоа што станува збор за исклучително токсична супстанција, чие консумирање може да предизвика фатални последици, членовите на семејството побарале итна медицинска интервенција.

Како се случил инцидентот?

Според сведочењето на изворот на Журнал.мк, околу 17:00 часот, екипа на Итната медицинска помош пристигнала во близина на Поликлиниката „Јане Сандански“ за извршување на своите редовни работни задачи.

Во моментот кога лекарот и медицинската сестра излегле од амбулантното возило, им пришло едно лице, за кое подоцна било утврдено дека е син на повозрасниот пациент.

Тој почнал гласно да бара помош од лекарот, објаснувајќи му дека неговиот татко се наоѓа во автомобил и дека му е потребна итна медицинска интервенција.

Според изворот, лекарот веднаш реагирал и истрчал кон автомобилот на семејството за да ја провери здравствената состојба на пациентот.

Меѓутоа, кога пристигнал до возилото, забележал дека во него нема никого.

На прашањето на лекарот каде се наоѓа пациентот, синот му го покажал својот татко, кој во тој момент стоел на нозе покрај него.

Недоразбирање околу транспортот до Клиничкиот центар

Според информациите до кои дојде Журнал.мк, лекарот од Итната медицинска помош му објаснил на синот дека, врз основа на неговата првична проценка, повозрасниот пациент во тој момент не покажувал видливи знаци на сериозно влошена здравствена состојба.

Лекарот, според истиот извор, нагласил дека не може самостојно да донесе одлука за транспорт на пациентот до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, без претходно да добие насоки или одобрение од надлежниот центар за координација на Итната медицинска помош.

Тој, исто така, објаснил дека неговата екипа има уште неколку итни интервенции на чекање, каде што треба да им укаже медицинска помош на други пациенти.

Поради тоа, лекарот го упатил синот да го пренесе својот татко со сопствениот автомобил до здравствената установа или да се јави во центарот за итна медицинска помош, да ја пријави состојбата и да побара организирање транспорт со амбулантно возило.

Според изворот, лекарот нагласил дека доколку центарот за итна медицинска помош ѝ наложи на неговата екипа да го изврши транспортот, тој веднаш ќе постапи според таквата наредба.

Сепак, синот на пациентот продолжил да инсистира неговиот татко веднаш да биде преземен со амбулантното возило и пренесен во Ургентниот центар при Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје.

Таткото и синот, ги нападнале лекарот и медицинската сестра

Ситуацијата, според изворот на Журнал.мк, дополнително се влошила додека лекарот се обидувал да им ги објасни на членовите на семејството процедурите за транспорт на пациенти со возилата на Итната медицинска помош.

Во еден момент, вербалното недоразбирање наводно прераснало во физичка пресметка, при што синот и неговиот татко ги нападнале лекарот и медицинската сестра која го придружувала.

Изворот тврди дека двајцата здравствени работници биле брутално тепани за време на инцидентот.

Како последица на физичкиот напад, лекарот и медицинската сестра се здобиле со телесни повреди, поради што морале да побараат медицинска помош и лекување во болница.

Нападнатата медицинска сестра, според информациите што ги обезбеди Журнал.мк, е Албанка.

Случајот е пријавен во полиција

Според неофицијалните информации, инцидентот е пријавен во полиција, а надлежните органи преземаат мерки за целосно расветлување на околностите под кои се случил нападот.

Се очекува истрагата да ја утврди одговорноста на лицата вклучени во инцидентот, како и да ги разјасни сите детали поврзани со настанот.//Журнал.мк

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img