Раководител на сектор во ЈП „Комунална хигиена“ е приведен откако, според информации на „Порталикс“, подолг период им упатувал закани на вработените, а наводно се заканувал и со пиштол.
Случајот кулминирал вчера, кога еден од вработените, исплашен од заканите, изгубил свест, по што била повикана Итната медицинска помош.
Вработениот го пријавил инцидентот во полиција, по што полициските службеници го привеле осомничениот. По информациите дека заканите биле упатени со огнено оружје, полицијата извршила проверка на неговото возило, каде што бил пронајден пиштол за кој, според изворите на медиумот, немал соодветна дозвола за поседување или носење.
Според информациите на „Порталикс“, лицето со иницијали Л.Б., кое раководи со сектор во јавното претпријатие, сè уште се наоѓа во полициска станица.
Се очекува надлежните институции да ги преземат следните чекори во постапката, вклучително и одлука за евентуално определување мерка притвор.






