Граѓански протест со блокада на улицата пред Владата ќе се одржи денеска, 20 ноември, со почеток во 13 часот, како реакција на серијата фемициди што ја потресоа Македонија. Организаторите велат дека протестот е повик за итна институционална одговорност, откако за помалку од три месеци во земјава беа убиени осум жени.
Зад протестот стојат неформалната иницијатива „Ниту една повеќе“ и Платформата за родова еднаквост, кои ги повикуваат граѓаните масовно да се приклучат и да испратат јасна порака дека насилството врз жените, институционалните пропусти и неказнивоста повеќе не смеат да се толерираат.
Со блокирањето на сообраќајницата пред Владата, организаторите сакаат да укажат на, како што велат, сериозните слабости во системот, особено во постапувањето по пријавите за семејно и родово базирано насилство.
Во текот на протестот ќе бидат прочитани конкретни барања упатени до надлежните институции, меѓу кои се итно подобрување на постапувањето на полицијата, центрите за социјална работа и правосудните органи. Активистите бараат навремена реакција и ефикасна заштита на жените кои пријавуваат насилство, со цел да се спречат нови трагедии.
Според граѓанските организации, осумте убиства на жени за помалку од три месеци претставуваат сериозен показател дека постојните механизми за заштита не функционираат доволно ефикасно. Посебно загрижува тоа што во дел од случаите жртвите претходно побарале помош од институциите, но, и покрај тоа, не добиле соодветна заштита.
Иако фемицидот веќе е препознаен како посебно квалификувано кривично дело во Кривичниот законик, организаторите сметаат дека законските измени сами по себе не се доволни доколку не се применуваат доследно и навремено.
Меѓу главните барања се целосна примена на Истанбулската конвенција, итна и ефикасна заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство, како и утврдување одговорност за службените лица кои не постапиле согласно своите законски надлежности.
Од иницијативата „Ниту една повеќе“ и Платформата за родова еднаквост порачуваат дека молчењето и институционалната неажурност имаат трагични последици и дека безбедноста на жените мора да стане вистински приоритет, а не само декларативна заложба.
Протестот ќе започне во 13 часот пред Владата, а организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат без партиски обележја, обединети околу пораката дека секоја жена има право да живее без насилство, страв и закани.






