Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска се обрати на „Форумот на уставни судови на Балканот“, кој се одржува во Охрид, посочувајќи ја клучната улога на уставното судство во заштитата на уставниот поредок, основните права и слободи, како и во воспоставувањето функционален систем на владеење на правото.
Николоски истакна дека Уставниот суд има посебна и незаменлива улога во демократската држава, особено во време на брзи општествени, технолошки и политички промени, кога стабилноста и отпорноста на институциите се од особено значење.
-Институциите мора да бидат стабилни, институциите мора да бидат отпорни и институциите мора да ги преживуваат политичките промени. Независноста, професионалноста и интегритетот на уставните судии и на Уставниот суд се клучни за исполнување на оваа функција, нагласи Николоски.
Тој потенцираше дека владеењето на правото не подразбира само донесување квалитетни одлуки, туку и нивно почитување и спроведување, при што извршната и законодавната власт имаат одговорност да обезбедат услови за целосна имплементација на одлуките на Уставниот суд.
-Почитувањето на уставното судство е показател за институционална зрелост и демократска одговорност на една држава. Затоа ние се трудиме да ги почитуваме и Уставниот суд да го добива заслуженото место во државно-правниот поредок, истакна вицепремиерот.
Осврнувајќи се на предизвиците што ги носат дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција, Николоски порача дека технолошкиот напредок не може да ја замени човечката експертиза, знаењето и личното искуство, особено кога станува збор за толкувањето и спроведувањето на Уставот и законите.
-Не можам да се согласам со одредени дебати дека дури и во делот на почитување и спроведување на Уставот и законите треба да се потпреме на вештачката интелигенција. Сметам дека тоа не е патот по кој треба да се движиме, затоа што знаењето и личното искуство се нешто незаменливо и нешто што не може ниту една машина да го направи, рече Николоски.
Во своето обраќање, тој се осврна и на значењето на поделбата на власта, меѓусебната контрола и институционалната рамнотежа како предуслови за функционална демократска држава.
-Силна држава не значи само силна извршна власт, туку значи ограничена извршна власт, значи држава со силни и независни институции, институции коишто се надополнуваат и коишто се контролираат помеѓу себе, порача Николоски.
На крајот од своето обраќање, Николоски нагласи дека Владата останува посветена на функционирањето и надградувањето на системот на институционална рамнотежа и владеење на правото.






