Одлуките на Врховниот суд имаат највисок авторитет во правосудниот систем и сите, особено правните професионалци, имаат обврска да ги почитуваат. Ова го истакнува државниот јавен обвинител Ненад Савески во ексклузивното интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, кое ќе се емитува вечерва во 21:30 часот.
Запрашан за одлуките на Врховниот суд во предметите „Дурмо турс“ и модуларната болница во Тетово, со кои биле укинати претходни судски одлуки, Савески одби да навлегува во нивна оценка, нагласувајќи дека тоа би било спротивно на неговите професионални стандарди.
Прашањето беше поставено и во контекст на довербата на граѓаните во правосудниот систем, неговата ефикасност и професионалност, особено кога судските предмети повторно се враќаат на одлучување.
„Врховниот суд, како во секое општество, така и во нашето, има апсолутен авторитет и ние сите мора да ги почитуваме одлуките на Врховниот суд. Особено ние, професионалците“, изјави Савески.
Тој нагласи дека како државен јавен обвинител ги прифаќа утврдувањата на највисокиот суд и не смета дека е соодветно јавно да ги критикува или коментира неговите одлуки.
„Не би си дозволил никогаш, и би излегол од рамките на моите професионални стандарди, да си земам за право да ги критикувам, коментирам одлуките на Врховниот суд“, порача Савески.
Со ваквиот став, државниот јавен обвинител нагласи дека почитувањето на судските одлуки е дел од професионалната одговорност на носителите на функции во правосудниот систем.






