Кривичниот законик повторно предизвика дебата и сомнежи во јавноста, бидејќи иако рокот за носењето на новиот КЗ е до крајот на годината, сепак во собраниска процедура се доставени измени на важечкиот закон. По скандалозните измени на овој закон во 2023 година, со кои се овозможи амнестија на обвинети функционери, сега повторно се поставува прашањето зошто се неопходни измени, кога за два месеци треба да имаме сосема нов закон.
-По хаваријата предизвикана со измените на Кривичниот законик од 2023 година на СДСМ со кворумска поддршка од ДПМНЕ и тенденциозното, несецлосно прекројување во јануари годинава, парламентарното мнозинство предводено од ДПМНЕ повторно посегнува по кривичното законодавство, и тоа по скратена постапка! Наместо целосно нов Кривичен законик, добиваме уште една законодавна крпеница во која се менуваат самите граници на кривичната одговорност, соопштија од Левица.
Од партијата велат „проблематично е што со предложените измени од членот 394-в целосно исчезнува постојната инкриминација што предвидува затвор од една до десет години за дејствија сторени од небрежност кај службени и одговорни лица задолжени за спречување финансирање тероризам. Станува збор за државни функционери и службени лица, одговорни лица во банки и други финансиски институции, како и лица со законски овластувања да спречуваат вакви незаконски финансиски активности. Со други зборови, досега законот предвидувал казнување и кога такво лице поради небрежност ќе направи сериозен пропуст, иако според својата должност било обврзано и можело да го спречи.
Токму затоа побаравме одговор од Министерството за правда дали им е познато која е намерата на пратениците да предлагаат измени на КЗ, кога наскоро треба да биде оддобрено новото законско решение? И Дали сметаат дека на овој начин се создава правна несигурност?
Заменик министерот за правда Ален Деребан ни посочи дека донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик од јануари 2026 година е нужно заради постапување по Решението на Уставниот суд У.бр.162/23 и У.бр. 163/23 од 12.02.2025 година, како и заради имплементација на проектот „Безбеден град“ кој го спроведуваше МВР.
-Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, кој во моментов е во собраниска процедура, има за цел спроведување на препораките од Извештајот на Комитетот MONEYVAL и усогласување со препораките на ФАТФ, односно со Препораките 4 и 5. Тие имаат позитивно влијание врз процесот на евроинтеграции, затоа што исполнувањето на овие препораки се следи и санкционира од страна на Комитетот MONEYVAL преку поднесување и усвојување извештаи за напредок.
Точно е дека рокот за донесување на новиот Кривичен законик, според Реформската агенда, е до крајот на оваа година. Но, пред неговото донесување треба да се добие позитивно мислење од страна на Европската комисија, а процесот треба да се одвива низ предвидените институционални фази. Бидејќи станува збор за сеопфатна реформа во казненото законодавство, новиот Кривичен законик мора да има одложена примена (vacatio legis), односно период во кој граѓаните, обвинителството, судот, адвокатите, институциите и потенцијалните странки во кривичната постапка ќе можат да бидат запознаени со неговата содржина.
Поради тие причини, апсолутно неосновани се какви било сомнежи дека со горенаведените измени и дополнувања на Кривичниот законик се создава правна несигурност, ни изјави заменик министерот Деребан.
„Фокус“ побара став и од републичкиот јавен обвинител Ненад Савески за тоа дали претставници од обвинителството учествувале во работата група и дали има реална потреба од нови измени, додека во крајна фаза на подготовка е новото законско решение?
-Во работната група за новиот Кривичен законик и за измените на КЗ, кои се веќе во собраниска процедура, имаше членови во работаната група, претставници, од јавното обвинителство. Најчесто има реални потреби од измени на законските решенија, бидејќи во пракса се покажуваат недостатоци или недоречености. Сепак на крајот измените и законите се израз на политичка волја, бидејќи ги носи Собранието. Ние како професионалци даваме сугестии, но нашите предлози не секогаш се прифатени. Се согласувам дека честите законски измени не се добри и создаваат правна несигурност, но во случајот сметам дека станува збор за потребни измени за да се компензира периодот до донесувањето на новиот Кривичен законик, изјави републичкиот јавен обвинител Ненад Савески за „Фокус“.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски образложувајќи ги измените нагласи дека ова е само мала интервенција во Кривичниот законик, додека новиот закон на којшто се работи е испратен на мислење до Европската комисија. Побара поддршка од сите пратеници за носење на измените.
– Измените се однесуваат само на една цел, а тоа е да се намалат ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, во единствената европска платежна зона, што веќе е остварено пред една година и е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји – членки на ЕУ и со земјите – членки на Европската економска област. Инаку, препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од еспертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа – рече Милошоски.
Како што кажа, со овие измени ќе се зајакнат членовите кои што се однесуваат на конфискација на имот и на финансирање тероризам како и членовите кои имаат надлежност за делото перење пари.






