Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на 17. издание на манифестацијата „ТОП 100“, организирана од Стопанската комора на Северозападна Македонија, на која беа истакнати успешните компании и нивниот придонес во развојот на домашната економија.
Мицкоски порача дека секоја нова инвестиција, секое отворено работно место и секој деловен успех претставуваат придобивка за целата држава, нагласувајќи дека економскиот развој не смее да се дели по етничка или верска основа.
„Економијата не познава етнички или верски граници. Нашата цел е да изградиме економија во која трудот се исплатува, инвестициите се поттикнуваат, младите имаат перспектива, а домашните компании се конкурентни на европските и светските пазари“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека Владата останува партнер на бизнис-заедницата во реализацијата на нови инвестиции, зголемувањето на производството и поттикнувањето на економскиот развој.
Мицкоски им честиташе на наградените компании, како и на сите претприемачи кои преку своето работење придонесуваат за создавање нови вредности и отворање работни места.
„Силна економија значи силна Македонија“, порача премиерот.






