Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности, последиците од глобалната неизвесност и ефектите врз домашната економија. Одговорноста на Владата е навремено да реагира, да ги приспособи економските политики на новите реалности, но притоа да ја зачува стабилноста на јавните финансии и да обезбеди непречено функционирање на државата.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозе на Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година кој што е денеска на дневен ред на собраниска седница потенцирајќи дека измените и дополнувањата на Буџетот се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.
Со ребалансот, како што потенцира министерката, се прави неопходно приспособување на приходите и расходите, при што се земени предвид реалните економски текови и потребата од рационално, ефикасно и одговорно управување со јавните средства.
„Тоа значи поголема буџетска дисциплина, внимателно планирање на расходите и максимална оптимизација на приходите, без да се доведе во прашање редовното исполнување на обврските на државата. Она што е најважно за јавноста и граѓаните е дека Дополнетиот ребаланс не произлезе поради проблеми со ликвидност во Буџетот, туку е последица на преземените мерки од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот. Мерки кои имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот, но најзначајно е дека со таквите мерки го поддржавме стандардот на граѓаните и ја помогнавме економијата, односно го спречивме прелевањето на високите цени на нафтата врз останатите производи и услуги“, наведе министерката.
Таа порача дека до крајот на годината државната каса е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат.
Со Дополнетиот Ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
Со ребалансот обезбедени се дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.
За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедени дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари и за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.
„Зад овие бројки и ставки стојат нашите граѓани и тие за нас се приоритет, затоа во креирањето на измените опфативме ставки кај кои имаше одложување на реализацијата и користењето на средствата. Оттука направена е корекција кај капиталните расходи, но притоа е задржана развојната компонента и определбата на државата за понатамошна поддршка на економската активност преку јавни инвестиции“, рече министерката за финансии и додаде дека се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.
Со Ребалансот продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво, како дел од политиката за рамномерен регионален развој.






