Македонија од утре влегува во период на значително потопло, но и нестабилно време. Под влијание на топла воздушна маса која пристигнува од Атлантскиот Океан, во наредните денови се очекува забележителен пораст на температурите, кои ќе бидат над вообичаените вредности за овој период од ноември.
Според метеоролошките најави, од вторник (10 ноември) до петок (13 ноември), утринските и дневните температури ќе бележат значителен раст, а максималните ќе се движат од 12 до 20 степени Целзиусови. Во централните и југоисточните делови од земјава, живата на термометарот локално може да се искачи и над 20 степени.
И покрај невообичаено високите температури, стабилно и сончево време не се очекува. Влажните воздушни бранови од Атлантикот ќе условат променлива временска состојба, со повремени локални врнежи од дожд.
Повеќе дожд се очекува во западните предели, каде што на одредени места врнежите повремено ќе бидат со поизразен интензитет.
Особено динамични временски услови се најавуваат за четврток и петок (12 и 13 ноември). Во овие два дена ќе дува засилен, повремено и силен ветер од јужен правец, кој на одредени локации ќе достигнува, па и ќе надминува брзина од 70 километри на час.
Дополнителна промена во атмосферските услови ќе предизвика и воздушниот транспорт на прашина и песок од Сахара кон нашето подрачје. Поради ова, атмосферата ќе биде заматена, а врнежите од дожд ќе содржат честички од сахарска прашина, поради што се очекува појава на таканаречен „валкан дожд“.
И главниот град во наредните денови ќе биде под влијание на топлата воздушна маса. Во Скопје и околината се очекува променливо облачно и значително потопло време, со пораст и на минималните и на максималните температури.
Дневните температури ќе се приближат до 20 степени, додека повремено ќе има услови за локални врнежи од дожд, главно со послаб интензитет. Во четврток и петок и скопскиот регион ќе биде на удар на засилен јужен ветер, кој во одредени делови од котлината повремено може да достигне и над 60 до 70 километри на час.
Следува, значи, невообичаено топла, но атмосферски нестабилна втора половина од работната седмица, со дожд, силен јужен ветер и присуство на сахарска прашина во воздухот, за Порта.мк соопшти метеорологот Славчо Попоски од „slavcometeo.mk“






