домаМакедонијаТранспортот бавно „вози“ кон европските стандарди

Транспортот бавно „вози“ кон европските стандарди

- Advertisement -spot_img

Генералната оцена за Поглавје 14 упатува на тоа дека Македонија продолжува со усогласувањето на транспортната политика со европските стандарди, но дека во повеќе области се потребни дополнителни напори. Приоритет останува спроведувањето на реформите во патниот и железничкиот транспорт, зајакнувањето на институционалните капацитети, подобрувањето на безбедноста и отворањето на транспортниот пазар. ЕК смета дека исполнувањето на овие обврски ќе биде важно не само за напредокот во евроинтегративниот процес туку и за подобрување на квалитетот на транспортните услуги, поголема безбедност и подобра поврзаност на земјата со европските транспортни мрежи.

Македонија остварува ограничен напредок во усогласувањето на транспортната политика со европските стандарди, при што остануваат отворени повеќе прашања во патниот и железничкиот сообраќај, безбедноста, институционалните капацитети и либерализацијата на транспортниот пазар. Дополнителни активности се потребни и за унапредување на транспарентноста при реализацијата на големите инфраструктурни проекти.

Ова се дел од оцените наведени во извештајот за Поглавје 14 – Транспортна политика, во рамки на Кластерот 4, посветен на зелената агенда и одржливата поврзаност. Според оцената, во областа на општата транспортна политика не е забележан посебен напредок. Сè уште не е изготвен акциски план за спроведување на Националната транспортна стратегија за периодот 2018–2030 година, а административните и оперативните капацитети на институциите и натаму имаат потреба од зајакнување. Ограничено е и спроведувањето на акциските планови на Транспортната заедница, усвоени во 2025 година.

Во патниот транспорт, меѓу областите во кои се потребни дополнителни подобрувања се безбедноста на патиштата, управувањето со патната инфраструктура и сигурноста на тунелите. Посочена е и потребата од зајакнување на капацитетите за спроведување на законодавството. Иако Законот за опасни материи е усогласен со европските правила, сè уште не е назначено правно лице за оценување на усогласеноста на опремата, а не е објавен ниту петгодишниот план за одржување на патиштата.

Како позитивен чекор се издвојува усвојувањето на Законот за ратификација на дополнителниот протокол за електронскиот товарен лист (eCMR), во февруари 2026 година.

Во железничкиот транспорт, оцената упатува на потребата од забрзување на реформските процеси и дополнително усогласување со европското законодавство. Постојниот Закон за железници, кој го ограничува пристапот на нови оператори до пристапувањето на земјата во Европската Унија, сè уште е во сила, иако ваквото решение не е во согласност со целите на европската регулатива и обврските од Договорот за транспортната заедница.

Дополнително, не е забележан напредок во усогласувањето со европските правила за железничка безбедност и интероперабилност. Сè уште не е формирано независно тело за истрага на железнички несреќи и инциденти, додека се посочува и потребата од зајакнување на оперативните капацитети на Дирекцијата за безбедност во железничкиот систем. Во меѓувреме, продолжува да биде отворено и прашањето за договорот за прекугранична железничка соработка со Грција.

Во воздушниот транспорт се регистрирани одредени технички активности, но потребни се и натамошни регулаторни усогласувања. По посетата во 2025 година во рамките на Европската заедничка воздухопловна област, останува обврската за надминување на утврдените забелешки. Информатичкиот систем за сертификација во Агенцијата за цивилно воздухопловство е надграден за да ги исполни европските стандарди, а неговата редовна употреба се очекува по завршувањето на тестирањето.

Потребни се дополнителни активности и во однос на забелешките на Европската агенција за безбедност во воздухопловството, особено во делот на надзорот над услугите за воздушна навигација. Во оваа област се нагласува и потребата од обезбедување редовно и независно функционирање на давателот на услугите.

Во делот на поморскиот транспорт, иако Македонија е земја без излез на море, таа продолжува да учествува во основните транспортни конвенции на Меѓународната поморска организација. Сепак, усогласувањето на националното законодавство со европските правила во оваа област сè уште не е започнато.

Кај внатрешниот воден транспорт, земјата има делумна усогласеност со европското законодавство. Побарано е приклучување кон Стратегијата на ЕУ за Дунавскиот Регион, а Македонија останува активна и во Меѓународната комисија за сливот на реката Сава. Сепак, останува потребата од усогласување на националните прописи со заедничките правила за превоз на патници по внатрешните водни патишта.

Одреден напредок е забележан во развојот на мултимодалниот транспорт. Во ноември 2025 година биле завршени клучните технички студии, идејниот проект и тендерската документација за мултимодалниот транспортен јазол во Трубарево. Сепак, потребно е натамошно усогласување со европската Директива за комбиниран транспорт. Во текот на 2026 година е подготвен и предлог-закон за транспонирање на европските правила за електронски информации за товарниот транспорт.

Дополнителни усогласувања се потребни и во областа на правата на патниците. Иако националното законодавство во воздушниот транспорт е донесено, правилата за заштита на патниците во железничкиот и водниот транспорт сè уште не се усогласени со европските стандарди, додека кај автобускиот превоз усогласувањето е делумно.

Во оцената се посочува и потребата од унапредување на механизмите за спречување на корупцијата и зголемување на транспарентноста при реализацијата на големите инфраструктурни проекти. Посебен акцент е ставен на јавните набавки и на управувањето со договорите за инфраструктурни инвестиции со висока финансиска вредност. Во таа насока, од институциите се очекува да го унапредат следењето на ризиците, да ги дефинираат институционалните одговорности и доследно да ги спроведуваат мерките за ревизија и известување.

https://www.vecer.press/transportot-bavno-vozi-konvropskite-standardi/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img