Адреналинските пенкала, кои можат да спасат живот при тешки алергиски реакции, не се достапни на македонскиот пазар, поради што граѓаните се принудени да ги набавуваат од странство, најчесто од соседна Грција. Дополнителен проблем претставуваат високата цена и ограничениот рок на употреба.
Лекарите предупредуваат дека тешките алергиски реакции, познати како анафилакса, можат да настанат ненадејно, како последица на консумирање одредена храна, употреба на лекови или убод од инсект, објави 4news.mk Во вакви ситуации, секоја минута е драгоцена, а навремената примена на адреналин може да биде пресудна за спасување на животот.
Докторката Татјана Јаќовска од Клиниката за белодробни заболувања „Козле“ нагласува дека лицата со ризик од анафилакса треба постојано да имаат пристап до адреналински автоинјектор, кој овозможува брза интервенција при појава на сериозни симптоми, како отежнато дишење, оток и чувство на задушување.
Посебна загриженост предизвикува можноста за појава на анафилактичен шок кај децата, особено во градинките и училиштата. Поради тоа, медицинските лица бараат задолжителна обука на воспитувачите, наставниците и останатиот персонал за навремено препознавање на симптомите и правилно укажување прва помош.
Докторката Мирјана Поповска предупредува дека алергиските реакции можат да бидат непредвидливи и дека при повторно изложување на одреден алерген постои ризик од сериозна реакција. Таа потенцира дека обучен персонал и јасни протоколи за постапување можат да спречат трагични последици.
Иако не секое дете со алергија ќе развие анафилакса, а одредени алергии можат да исчезнат со возраста, лекарите апелираат опасноста да не се потценува.
Според нив, неопходно е да се обезбеди поголема достапност на адреналинските автоинјектори во земјава, како и подобра подготвеност на образовните установи за итни медицински ситуации.






