Ќе се помрдне ли од мртва точка блокираната анкетна комисија за Кочани? И после година и осум месеци од катастрофалниот пожар, и по речиси една година по одржувањето на расправата за катастрофата што се случи во Кочани, а токму во очи на празникот Задушница, родителите на загинатите деца во „Пулс“ доставија заклучоци до Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓаните. ТВ 24 дојде до предлог заклучоците, кои веќе се испратени до претседателот на постојаната Анкетна комисија, Димитар Апасиев. Станува збор за 10 заклучоци чија содржина 24 ја објавува ексклузивно, во која меѓу другото стои – Не бараме пресуда на улица – бараме правда во судница, но од Собранието бараме политичка и институционална одговорност.
– Особено да се утврди дали надлежните институции биле запознаени со неправилностите, дали постоеле влијанија врз инспекциските контроли и зошто не биле преземени мерки за забрана на работењето, доколку постоеле законски основи. Клучното прашање е: Дали Пулс ќе работел на 16 март 2025 година доколку надлежните институции навремено и законито постапувале?
Родителите укажуваат и на тоа дека покрај утврдувањето на кривичната одговорност од страна на надлежните правосудни органи, неопходно е Собранието да придонесе за утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност, независно од партиската припадност и периодот на извршување на јавните функции. Во заклучоците се бара изготвување целосна хронологија на издадените дозволи, лиценци, инспекциски контроли и преземени или непреземени мерки.
– Да се идентификуваат институциите и одговорните службени лица, со цел да се утврди кој бил надлежен, кој знаел или бил должен да знае и кој евентуално не постапил согласно законските обврски.
Целосно преиспитување на постапувањето на инспекциските и контролните органи, како и на полициските службеници пред и за време на трагедијата е едно од барањата на родителите во предлог заклучоците, доставени до Апасиев.
– Особено да се испитаат пропустите во контролата на објектот, присуството и постапувањето на полициските службеници и преземените мерки за заштита и евакуација на присутните. Се нагласува потребата сите истраги и судски постапки да се водат независно, непристрасно, темелно и без неоправдани одложувања.
Освен независна и ефикасна кривична постапка, родителите исто така бараат и законски измени и зајакнување на контролата, еднократна финансиска помош и долгорочна поддршка, конкретни мерки, рокови и отчетност. Во завршниот став на Здружението, стои дека трагедијата не смее да остане само предмет на политички расправи и декларативни осуди. Тие порачуваат дека не бараат политичка пресметка, туку целосно и неселективно утврдување на политичката, институционалната и функционерската одговорност со тоа што, како што велат, правдата за Кочани не смее да заврши на хартија.
Инаку, заклучоците од Здружението треба да бидат соломонското решение за да се откочи Анкетната комисија, која пак заглави откако нејзините членови не успеаја да се договорат чии заклучоци да поминат.






