домаМакедонијаНа локацијата на поранешните подземни контејнери во Охрид ќе се изгради „Зелена...

На локацијата на поранешните подземни контејнери во Охрид ќе се изгради „Зелена соба“

- Advertisement -spot_img

На локацијата на поранешните подземни контејнери во Охрид ќе се изгради „Зелена соба“, наменски простор за собирање и селекција на комунален отпад и рециклирачки материјали. За реализација на проектот од буџетот на Општина Охрид се издвоени 1.463.200 денари (23.600 евра).

Од Општина Охрид велат дека објектот ќе биде наменет за одлагање комунален отпад, пластика, хартија и стакло.

„’Зелена соба’ претставува централно место за собирање мешан комунален отпад, како и одделни рециклирачки фракции со економска вредност, како пластика, хартија и стакло. Просторот е соодветно ограден и обезбеден, што овозможува безбедно и контролирано привремено складирање на комунален и комерцијален отпад“, велат од Општината.

Локацијата е избрана поради близината на маркети и угостителски објекти, кои ќе можат да го користат објектот за одлагање на отпадот. Пристапот до просторот ќе биде лесен, а корисниците ќе добијат упатства за правилно одлагање и селекција на отпадот.

Според најавите од Општината, работите треба да завршат до крајот на оваа година, а за следната се најавува изградба на уште еден ваков објект.

„Зелената соба“ ќе биде поставена на местото на подземните контејнери, кои ќе бидат отстранети бидејќи биле расипани и надвор од функција. Контролата на правилното користење на новиот објект ќе ја врши вработен во ЈП „Охридски комуналец“.

„Изградбата на ваков објект претставува чекор кон унапредување на системот за управување со отпадот, бидејќи правилната селекција овозможува дел од отпадот да се издвојува наместо да завршува заедно со останатиот комунален отпад. На тој начин се создаваат услови за поефикасно собирање и понатамошно постапување со отпадот“, велат од ЈП „Охридски комуналец“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img