Организацискиот секретар на СДСМ, Зоран Трифуновски-Жаба, изјави дека не се согласува настаните од 27 април да се квалификуваат како тероризам и дека казните за дел од осудените се превисоки. Гостувајќи во емисијата „Претрес со Ландов“, тој се заложи за помирување и оцени дека осудените не треба и натаму да бидат во затвор.
Трифуновски раскажа дека за време на упадот во Собранието влегол за да помогне во извлекувањето на своите сопартијци, а настанот го опиша како еден од најтрагичните во поновата историја. Според него, дел од поранешните колеги од безбедносните структури можеби потфрлиле во професионалните обврски, но не заслужувале, како што рече, драконски казни.
Тој побара од актуелната власт храброст за помирување, повикувајќи се и на примерот со помилувањата во САД. На прашањето дали поддржува повторно судење, Трифуновски одговори дека би сведочел доколку постапката се повтори, но нагласи дека за тоа се потребни нови докази. Притоа истакна дека неговите ставови се лични, а не официјален став на СДСМ.






