Фото: Манчестер Сити/Твитер
Енцо Мареска го пофали Ерлинг Халанд за неговата концентрација во победата од 3:2 на гостувањето кај РБ Лајпциг, во четвртото коло од лигашката фаза во Лигата на шампионите.
Норвешкиот напаѓач постигна гол по типична голгетерска реакција на задната статива, по одличната индивидуална акција на Елиот Андерсон. Менаџерот истакна дека за еден голгетер е исклучително важно да биде целосно фокусиран на случувањата на теренот, без разлика колку малку бил вклучен во играта пред да постигне гол.
По натпреварот, и самиот Халанд истакна дека тимот има уште многу простор за напредок, а Мареска целосно се согласи со него.
„Уште вчера кажав дека е исклучително важно Ерлинг да биде целосно фокусиран на натпреварот. Знаеме дека може да ни помогне и да постигне гол во секој момент. Вечерва погодија и други играчи, а воедно создадовме многу шанси кои, за жал, не ги реализиравме. Многу ми е драго што тој постигна гол. Среќен сум за него. Секогаш е прекрасно чувството да победиш и да го предводиш тимот како капитен.
Дали можеме да играме подобро? Апсолутно да, без никакво сомневање. Токму затоа сум толку самоуверен и задоволен, бидејќи гледам огромен потенцијал за напредок.
За мене тоа е сосема природно, бидејќи заедничката работа ја започнавме пред само четири месеци. Работите не се случуваат автоматски.
Потребно е време за да се воиграме. Убеден сум дека можеме да подобриме многу детали, пред сè затоа што двата гола на Лајпциг беа навистина наивни и можеа да бидат избегнати. Уште од првиот ден создаваме многу шанси на секој натпревар, но мораме да престанеме да примаме вакви лесни голови.
Мораме да ги разбереме грешките, да ги анализираме и да ги прегледаме. Пред три години поминав една сезона тука, но сепак сè уште се адаптирам одново. Треба да ги запознаам фудбалерите, а тие мене. Заедно сме само четири месеци и токму затоа верувам дека по толку краток период можеме само да напредуваме.
Исклучително сум задоволен од освоените три бода, бидејќи гостувањата во Германија во Лигата на шампионите секогаш се многу тешки“, изјави Мареска.






