Јавното претпријатие „Железници на РСМ – Инфраструктура“ со години работи со загуби, а железничката инфраструктура е застарена, недоволно одржувана и делумно нефункционална, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извештајот за финансиското работење на претпријатието за 2024 година. Ревизорите откриле и сериозни пропусти при реализацијата на железничкиот Коридор 8, за кој се плаќале милионски провизии за неповлечени кредитни средства.
Според извештајот, за рехабилитација, изградба и реконструкција на железничката инфраструктура биле одобрени заеми во вкупна вредност од 191,4 милиони евра, од кои 44 отсто сè уште не биле повлечени. Поради тоа, до крајот на 2024 година биле исплатени 7,78 милиони евра провизии за неповлечени средства, од кои 536.000 евра само во 2024 година. Дополнително, истата година биле платени 2,85 милиони евра камати за заемите.
Ревизорите утврдиле недостаток на системски пристап и недоволна подготвеност при планирањето, проектирањето и изградбата на првите две делници од источниот дел на Коридорот 8, чија изградба трае од 1996 година.
Вредноста на договорот за првата делница, склучен во 2013 година, се зголемила за 96 отсто во однос на првично договорената вредност, достигнувајќи 39,7 милиони евра. Рокот за завршување бил продолжен за осум години и три месеци поради грешки во проектната документација, дополнителни работи, потреба од експропријација и промена на изведувачот.
Кај втората делница, договорот за изградба вреден 155 милиони евра бил склучен дури во јули 2022 година, односно 18 години по запирањето на градбата. Рокот за завршување бил продолжен до 23 октомври 2026 година.
Ревизијата открила и дека 33 отсто од материјалните средства во подготовка биле набавени пред 15 години и воопшто не биле искористени, што според ДЗР претставува нерационално користење на јавните средства.
Сериозни неправилности се утврдени и во евиденцијата на имотот. За земјиште вредно околу 7,2 милијарди денари претпријатието нема обезбедено имотни листови, додека 91 отсто од градежните објекти, во вредност од околу 12,8 милијарди денари, претставуваат инфраструктурни објекти што не се евидентирани во соодветниот катастар.
Претпријатието во 2024 година остварило загуба од околу 188,8 милиони денари, а заедно со загубите пренесени од претходните години, вкупната акумулирана загуба достигнала приближно 4,7 милијарди денари.
Проблеми се утврдени и со вработувањата. Од предвидените 1.314 работни места пополнети се само 718, односно 54 отсто. Според ревизорите, 30 отсто од вработените не ги исполнуваат пропишаните услови за степен или вид на образование.
Дополнително, од 96 вработени распоредени со времени решенија во 2024 година, дури 55 отсто не ги исполнувале посебните услови за работните места.
Во извештајот особено се предупредува на состојбата на железничката мрежа. На делови од Коридорите 10, 10д и 8 возовите сообраќаат со намалена брзина поради дефекти, застарени системи и опожарени прагови, додека на одредени делници сообраќајот е целосно запрен.
ДЗР наведува дека повеќе од 40 години немало значајни инвестиции во железничката инфраструктура, што негативно влијае врз безбедноста и капацитетот на железничкиот сообраќај.
Ревизорите дале препораки за надминување на утврдените неправилности, а од претпријатието на 3 и 4 ноември доставиле известувања за преземените мерки и напредокот на работите на првите две делници од Коридорот 8.






