домаСветКанадската врата кон ЕУ се затвори на самитот, но Брисел веќе подготвува...

Канадската врата кон ЕУ се затвори на самитот, но Брисел веќе подготвува нов модел за интеграција

- Advertisement -spot_img

Актуелните бриселски елити не размислуваат само за класично географско проширување туку и за ново геополитичко позиционирање преку интегрирање стратешки партнери и обновување на врските со поранешни членки. Имено, според извори во ЕУ, Брисел интензивно е во потрага по нова геополитичка архитектура. Во рамките на тој зафат на длабоко преструктурирање, концептот на актуелните политички елити од Брисел се потпира на две тежишни точки. Прво, Брисел во Канада бара нов модел за привилегирано интегрирање на стратешки партнер.

И второ, Брисел за Велика Британија покажува подготвеност за флексибилност кон поранешна членка и можност за нејзино враќање. Но сето ова идентификува и исклучително тажна вест за Западен Балкан. Имено, во ваков тек на настаните, европските вредности и принципот на заслуги се ставени настрана со веќе очигледната политика на двојни стандарди од страна на Европската комисија. Европа можеби сака да ги смени границите на своето геополитичко влијание, но допрва треба да докаже дека не ги менува и сопствените принципи според своите дневнополитички интереси…

Иницијативата на Урсула фон дер Лајен за воспоставување нов привилегиран статус на Канада наиде на отпор кај влијателни членки на Унијата, пред сè Германија, Франција и Италија. Наместо најавеното „придружно членство“, во завршната декларација од самитот ЕУ–Канада, остана формулацијата за „продлабочување на партнерството“. Но, според информации од бриселски дипломатски и административни кругови, Европската комисија (ЕК) не се откажува од стратешката идеја. Напротив, се разработува нова институционална платформа за приближување на Канада, а во пошироката геополитичка концепција свое место би можела да добие и Велика Британија.

Идејата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Канада да стане првата „придружна членка“ на Европската Унија доживеа сериозно политичко приземјување уште пред завршницата на самитот ЕУ–Канада во Монтреал. Она што првично беше претставено како нова геополитичка визија на Брисел, во конечниот текст на заедничката декларација се сведе на значително повнимателна формулација – „сè поблиска поврзаност“ меѓу двете страни, без конкретно споменување придружно членство.

Зад ова дипломатско ублажување стоеше и некоординираноста на повеќе влијателни европски престолнини, пред сè Берлин, но и Париз и Рим. За дел од земјите членки, предлогот отвораше сериозни правни, институционални и политички прашања, особено затоа што беше промовиран без претходно усогласување со клучните европски влади. Фон дер Лајен, сепак, ја лансираше идејата со политичка самоувереност, претставувајќи ја како можен нов модел за приближување на Канада кон европските институции, без нејзино формално пристапување во Унијата. Така, иницијативата доби пошироко геополитичко значење од вообичаеното партнерство меѓу Брисел и Отава. Но неуспехот да се обезбеди согласност за конкретната формула на „придружно членство“ не значи и напуштање на поширокиот концепт. Според информации од наши извори во високите административни кругови на ЕУ во Брисел, идејата за структурно и институционално приближување на Канада продолжува да се разработува, а во следната фаза би можела да добие и појасна политичка и договорна рамка. Оттаму, вистинското прашање веќе не е само дали Канада ќе добие статус на придружна членка, туку каков модел на интеграција Брисел е подготвен да понуди и колку далеку е подготвен да оди во редефинирањето на своите надворешни политички и економски врски.

ЕУ, Канада и Велика Британија: На повидок нова трансатлантска архитектура

Според нашиот бриселски извор, статусот „придружна членка“, кој Фон дер Лајен го застапуваше како можност за Канада, не претставува постојна и дефинирана категорија во основачките договори на Европската Унија. Токму затоа предлогот беше оценет како политички амбициозен, но институционално недоволно подготвен.

– Не беше јасно какви права би имала Канада, дали би учествувала во консултациите, европските самити и политичките процеси, ниту каде би завршувале нејзините привилегии, а каде би започнувале обврските. Уште понеобично беше тоа што предлогот беше објавен без претходно обезбедена согласност од клучните земји членки. Така, иницијативата што требаше да ја демонстрира европската стратешка амбиција се претвори во пример за недоволна институционална координација – посочува нашиот соговорник.

Германија, според овие информации, инсистирала најнапред да се дефинира суштината на евентуалниот договор – неговите права, обврски, институционални механизми и политички последици – а дури потоа да се утврдуваат неговото име и симболичко значење. Сепак, дипломатското одбивање на иницијалната формула не ја затвори дебатата. Напротив, според нашиот извор, Фон дер Лајен ги интензивира координациските активности со цел да обезбеди поголема поддршка од Германија и од Франција, кои имаа сериозни резерви кон предложениот статус.
– Во кабинетот на претседателката на Европската комисија се разработува платформа за можните начини на интеграција на Канада кон европските структури, како еден вид пошироко институционално приближување на Унијата кон трансатлантскиот простор. Целта е да се најде модел што би бил политички прифатлив за земјите членки и кој би можел да помине низ европските институции во пократок рок – тврди нашиот соговорник од администрацијата на ЕУ во Брисел.

Според него, оваа идеја треба да се разгледува и во контекст на пошироките размислувања за идното преструктурирање на европскиот политички и економски простор, во кој, покрај Канада, потенцијално место би имала и Велика Британија. Токму тука се отвора пошироката стратегиска димензија на иницијативата. Имено, наместо класично проширување со нови членки, Брисел би можел да се обиде да изгради ново ниво на поврзаност со држави што географски се надвор од Унијата, но со кои споделува значителен дел од политичките, безбедносните и економските интереси.

Зад европската великодушност се крие и геополитичка пресметка

Не треба да се занемари ниту поширокиот економски и геополитички контекст. За Брисел, Канада не е само политички сојузник туку партнер со значителна стратешка, индустриска и ресурсна тежина. Отава располага со значајни резерви на критични минерали, развиена индустриска и технолошка база, енергетски потенцијали и ресурси од особено значење за европските амбиции за индустриска модернизација и енергетска транзиција. Во услови на засилена трговска конкуренција со Кина, неизвесност во трансатлантските односи и потреба од намалување на стратешките зависности, Канада за ЕУ добива значење што ги надминува традиционалните рамки на дипломатското партнерство.

– Канада за Брисел би била многу повеќе од политички сојузник. Таа е економски, безбедносен и ресурсен партнер од првостепено значење. Во услови на глобално прегрупирање, европската потреба од сигурни партнери и пристап до критични суровини станува сè поизразена. Токму затоа иницијативата на Фон дер Лајен може да се толкува и како обид за создавање нова геополитичка архитектура, во која економските и стратешките интереси би добиле посилна институционална рамка – вели нашиот соговорник од Брисел.

Во таа смисла, идејата за поблиска интеграција на Канада не треба да се третира само како дипломатска новина или како политичка импровизација на претседателката на Европската комисија. Таа се вклопува во поширокото настојување на Брисел да изгради посилен круг на сојузници, партнери и економски поврзани држави, кои би можеле да придонесат за поголема европска стратешка автономија. Иако по самитот ЕУ–Канада засега остана компромисната формула за продлабочување на соработката и продолжување на разговорите до следната средба на највисоко ниво, тоа не значи дека амбицијата за нов модел на поврзување е ставена во мирување. Напротив, според информациите од нашиот бриселски извор, во тек е разработка на можните механизми за воспоставување подлабоки и поструктурирани интегративни врски, кои би можеле да ја надминат рамката на досегашното партнерство. Доколку оваа концепција добие институционална форма и политичка поддршка, Европа би можела да се соочи со нов модел на геополитичко проширување – не преку класично членство, туку преку создавање поширок круг на стратешки интегрирани држави. Во такво сценарио, Канада би била првиот голем тест за новата европска концепција, додека евентуалното вклучување на Велика Британија би ѝ дало дополнителна тежина и би го отворило прашањето дали Брисел, всушност, размислува за создавање поширок трансатлантски политичко-економски простор. Според нашиот брифер од Брисел, „по дипломатското ублажување веќе се подготвува многу поголем бриселски проект“.

Канадската врата кон ЕУ се затвори на самитот, но Брисел веќе подготвува нов модел за интеграција

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img