Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека се обидела да го спречи емитувањето на прес-конференцијата на претседателот на партијата, Венко Филипче, за време на изборниот молк.
Од Агенцијата велат дека станува збор за редовно потсетување на медиумите за нивните законски обврски, а не за цензура или за забрана за информирање.Реакцијата следува откако СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски преку директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, се обидува да го спречи емитувањето на прес-конференцијата на Филипче и дека медиумите се соочуваат со закани за казни поради изборниот молк.
„Забрануваат пренос во медиумите, се закануваат со казни повикувајќи се на изборниот молк, иако СДСМ не учествува на изборите во Брвеница и не поддржа никого во вториот круг. Истите методи како на Вучиќ во Србија, обиди за цензура“, соопштија претходно од партијата.
Од АВМУ посочуваат дека Изборниот законик јасно забранува емитување изјави од претставници на политички партии за време на изборниот молк, согласно член 76-б став 3.
Оттаму нагласуваат дека правилата важат подеднакво за сите политички субјекти и дека никој не е исклучен од обврската да ги почитува.
Од Агенцијата појаснуваат дека документот што Филипче го нарекол „некакво писмо“ е официјален допис со наслов „Потсетување за изборниот молк за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница“. Тој бил испратен по електронска пошта до националните медиуми и до медиумите што се следат на територијата на Брвеница, со цел да ги потсети на правилата за време на изборниот молк.
„Овој допис не претставува ниту забрана, ниту цензура, ниту обид за ограничување на правото на информирање. Претставува исполнување на законските надлежности на Агенцијата, кои не можат да се изедначуваат со цензура само затоа што некому политички не му одговараат“, велат од АВМУ.
Од Агенцијата наведуваат дека потсетувањето за изборниот молк во првиот круг било испратено на 15 октомври 2026 година, веднаш по 13 часот, а за вториот круг на 29 октомври во 15:17 часот. Двата дописа се објавени и на веб-страницата на АВМУ, а од институцијата посочуваат дека станува збор за редовна практика и за превентивно постапување за заштита на законитоста на изборниот процес.
АВМУ го оцени како неодговорно тоа што СДСМ организирала прес-конференција за време на изборниот молк, посочувајќи дека со тоа ги довела медиумите во ситуација да избираат дали ќе ги почитуваат законските правила.
„Ниту една политичка партија не смее да очекува дека нејзините политички интереси ќе бидат над законските правила“, се наведува во реакцијата.
Од Агенцијата додаваат дека се залагаат за слобода на медиумите и за слобода на изразување, но дека тие не можат да бидат оправдување за непочитување на законските обврски.






