Репрезентацијата до 17 години во женска конкуренција во последниот натпревар на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство против селекцијата на Велс играше без победник 3:3 и на крајот го освои второто место.
Во мечот од Б4 групата во Б лигата, Македонија поведе со 1:0 откако Кејти Вајтвеј во четвртата минута ја погоди сопствената мрежа. Во 22-та Маја Халкроу израмни на 1:1, а само пет минути подоцна Маја Касвел му носи предност на Велс од 2:1.
Во 51. минута Емилија Ивковиќ беше стрелец на голот за 2:2, а во 57-та Кесвел повторно беше прецизна за водство на Велшанките од 3:2.
Во 65-тата минута Ивковиќ по втор пат ја совлада противничката голманка за израмнување на 3:3 што беше и конечен резултат на натпреварот.
Во вториот дуел од последното трето коло Луксембург забележа победа од 1:0 во соочувањето со домаќинот на турнирот Грузија.
На крајот избраничките на селекторката Катерина Милеска го освоија второто место со четири бода, три помалку од првопласираниот Велс. Трет е Луксембург додека четвртата позиција и припадна на Грузија.






