Реформата на јавната администрација треба да донесе попрофесионално работење на институциите, појасни правила и поголема одговорност за резултатите, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на меѓународната конференција „Косово ПАР 2026“ во Приштина.
Минчев истакна дека работата на администрацијата не треба да се оценува само според исполнувањето на процедурите, туку и според способноста на институциите навремено да ги решаваат проблемите и да им обезбедуваат квалитетни услуги на граѓаните.
„Со реформите во Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор воспоставуваме систем во кој професионалноста, компетентноста и одговорноста ќе бидат мерило за сечија работа“, истакна Минчев.
Тој нагласи дека службениците што постигнуваат резултати треба да бидат соодветно вреднувани, додека непрофесионалното работење треба да има последици.
Меѓу приоритетите на реформата се и професионализацијата на раководните позиции и подобрата организација на институциите. Подготовката на новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа треба да придонесе за појасни надлежности, отстранување на преклопувањата и подобра координација меѓу институциите.
Како дополнителен чекор кон унапредување на знаењата и вештините на административните службеници, Минчев ја посочи Академијата за стручно усовршување и обука, чиј почеток на работа е планиран за јануари 2027 година.
Неговото учество на конференцијата во Приштина следува по потпишувањето меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за јавна администрација и косовското Министерство за дигитализација и јавна администрација. Со меморандумот се предвидува размена на експертиза, обуки и добри практики за унапредување на работата на институциите во двете земји.
Според најавената реформска насока, целта е јавната администрација да функционира поефикасно, со јасно утврдени одговорности и услуги што ќе одговорат на потребите на граѓаните.






