Генералниот директор на Радио-телевизијата на Војводина (РТВ), Горан Караџиќ, денеска поднесе оставка од функцијата, само два дена откако оставка поднесе и директорката на Радио-телевизијата на Србија (РТС), Мања Грчиќ.
Караџиќ за српскиот портал „Нова“ изјавил дека оставката ја смета за морален чин и дека по четири дена транзиција, во текот на кои биле поставени темелите за функционирање на новото раководство, дошло време и тој да се повлече.
Неговата оставка доаѓа по низа промени во покраинскиот јавен сервис. Претходно оставка поднесе и главниот и одговорен уредник на РТВ, Ненад Ќаќиќ, а оставки поднесоа и други уреднички кадри.
Во меѓувреме, директорката на РТС, Мања Грчиќ, се повлече од функцијата во средата вечерта, по барањата на дел од вработените и претставниците на Студентската листа за промени во раководството и информативната редакција.
Оставките доаѓаат во период на сериозни превирања во јавните медиумски сервиси во Србија, каде што вработени и студенти бараат промени во управувањето и уредувачката политика.






