Тивкото распаѓање на најуспешниот мировен проект по Втората светска војна датира уште во почетокот на првата деценија од третиот милениум. Тогаш, две земји Бугарија и Романија беа примени во Унијата со политичка и избрзана одлука, со заобиколување на Копенхашките критериуми и на супериорниот мерит-систем. Целта на приемот била веројатно поинаква, стигнувајќи на бреговите на Црно Море, европските стратези сметале дека Украина како иден проект ќе стане поблиска до Брисел. Но, плановите знаат да се искривоколчат.
Дотогаш, економски и културен мозаик на втемелени вредности, Европската Унија зрачеше со видни резултати на сите полиња, ставајќи ја во приоритетните, атрактивни клубови кон кои се стремеа државите, и кандидатки но и од поширокото опкружување, особено од северот на африканскиот континент. Претворајќи се во гигант кому полека почнуваат да му завидуваат големите сили, Европа се соочи со предизвици, од економски, воен, социјален, социолошки и незапирливиот, мигрантски карактер. Последниов има и психолошки предзнак поради постојаната јавна несигурност на територијата на европскиот мировен проект. Дотолку повеќе, неконтролираната имиграција деновиве го доживува политичкото, но и терористичко крешчендо.
Економскиот знак прашалник за постоењето на ЕУ го наметна Атина со банкарското и финансиското фијаско, зачнато со повлекувањето на неколку милијарди долари на американската ЏП Морган банка од Грција. Тоа се случи речиси истовремено со приемот на Букурешт и Софија под закрилата на Брисел. Оттогаш, дали беа испрани или испратени како поддршка на Грција, европските банки префрлија неколку стотици милијарди долари на контото на финансиските институции на јужниот сосед. Меѓу нив предничеа германските и француските. Граѓаните на Европа не беа толку среќни што мораат од сопствените џебови да ги надоместуваат комфорот и луксузот на сограѓаните Грци за спас од осмиот државен банкрот во нивната историја.
Ѓаволот почна сè повеќе да доаѓа по своето со европското проширување зад кое стоеше и НАТО. Во раните години на минатата деценија, американските воени интереси, а со нив и европските, се етаблираа на територијата на западниот црноморски брег, особено на романскиот. Прекупат ја гледаа Украина, додека попрецизната цел беше Руската Федерација. Авторот на овој текст имаше прилика во Букурешт во тоа време да биде сведок на пристигнувањето на контингенти американски војници, зашто тогаш евроатлантските интереси беа неразделни. Меѓу нив беше и познат американски генерал. Ова полека, од зимската угодна заспаност, ја крена руската мечка. Не будете ја руската мечка, велеше познатиот стратег и политичар, Кисинџер. Резултатите денес се повеќе од видливи.
Во периодот на економската супердоминација во светот, во првата половина на минатата деценија, новата грешка на Брисел беше направена со проширувањето на Унијата кон Украина. Минските договори, зад кои стоеше Унијата, имаа неспоредлива сличност со најновиот договор меѓу Белград и Приштина. Обата не се остварија и донесоа единствено политичко-безбедносна нестабилност. Но, тоа беше второто големо будење на руската мечка, овој пат далеку поподготвена. Времињата на Елцин беа зад Москва, Кремљ ја забревта воената машинерија.
И како и ова да не беше доволно, во услови на заткулисна Трета светска војна, Брисел не се обѕрна соодветно на растечката опасност од миграциската флуктуација од светските региони опфатени со војна и сиромаштија кон богатата и организирана Унија. Милиони луѓе од земјите на азискиот исток и од африканскиот континент минаа низ Македонија и балканската маршрута како попатна станица кон богатиот Запад. Гладни за работна сила, но и за наталитет, богатите европски земји, пред сè, Германија и Франција, ги отворија границите за мигрантите. Но дали за сите? Така на пример, Германија ја избра висококвалификуваната работна сила, ова особено се однесуваше на лекарите, научниците и наставниците од Сирија, архетип на стара светска нација. Непотребните беа „великодушно“ преотстапени на не толку влијателните членки. Така на пример, во Австрија, се заглавија околу 800 илјади баратели на азил, мигранти кои не можеа да се движат кон Германија, која не се спротивставуваше на опасноста од промената на етничката конфигурација на континентот. Виена, велат информирани во Австрија, тоа никогаш нема да ѝ го заборави на поранешната канцеларка Меркел. Психолошката цел беше постигнат. Порасна неслогата меѓу земјите членки на Унијата за решението на миграцијата. Таа и денес е присутна, особено поради најновите одлуки на Европскиот Совет за репатријација на мигрантите.
И дали сите беа, всушност, очајници со идеја водилка за поарен и побезбеден живот? На грчко-македонската граница се појавија сомнителни мигранти кај кои и вашиот новинар во екот на огромниот мигрантски бран во 2016 забележа користење на златни кредитни картички само да се мине растојанието од Гевгелија до Скопје а потоа низ Србија правец Хрватска или Унгарија. Состојбата беше далеку од наивна, Европа сега е сведок на насилствата организирани од ќелии или, пак, цели гета задоени со религиска идеологија, уривајќи ги постулатите на правната држава. Париз, Копенхаген, Рим и другите европски центри мораа и сè повеќе ќе се принудени да го употребуваат инструментот на силата за да ја заштитат демократијата. Парадокс без преседан. И уште нешто за миграцијата. Како репортер на Македонската телевизија, во 1995 бев дел од групата известувачи од НАТО-вежбата во близината на Тирана, каде што се реализираше сценарио на воено запирање на незаконската миграција. Дури и самиот се зачудив кога војската се спротивставуваше на контролните пунктови на групи цивили кои насилно сакаа да ја преминат импровизираната граница. Од денешен агол, кога ќе се потсетам на вежбата од пред 30-ина години, работите стануваат појасни кому му е потребна европската нестабилност. За енергетската, веројатно и не треба да се коментира, таа има далекусежни последици. Со дополнителна неслога меѓу земјите членки, за или против евтините руски енергенти.
Без доза песимизам, туку реализам, загадочна е иднината на Европската Унија. Како што се претполага, демократијата е најкревка за време на изборниот процес. Осум земји на европскиот блок минуваат низ изборниот филтер идната година, од кои најважни се претседателските и парламентарните избори во Франција. Но не помалку важни се и парламентарните избори во Полска, Финска, Италија, Естонија, Грција. Веќе во наредната година, во 2028, пет членки на унијата организираат избори, Романија и Литванија се меѓу нив, дел од источното крило на НАТО. И секако клучните, во Германија во 2029, каде што засега води партијата Алтернатива за Германија која се залага за соработка со Русија и е против членството на Берлин во Алијансата. Истата година се одржуваат и изборите за Европскиот Парламент, таму расте улогата на десничарската групација „Патриоти за Европа“ која засега е востановена трета политичка сила во европскиот законодавен дом. Во предвечерието на третата деценија од овој век веќе ќе се знае дали Европа врти опасно или не вдесно?
Затоа, на сегашното европско раководство, во услови на стагнација на Унијата, му е неопходно извојување на политичко-безбедносна победа во војната во Украина. Напросто, како во едни познати времиња на поранешните идеологии, стравот од непријателот го зголемува рејтингот на домашен терен. Притоа се заборава бумеранг-ефектот. Несакан гостин осведочен низ актуелните насилства низ Европа.
(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)
https://www.vecer.press/kolumna-zoran-bogatinov-evropa-na-stakleni-noze/






