Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на единство во владејачката коалиција, предупредувајќи дека земјата се соочува со сè поголеми закани од политички екстремисти и со обиди на Русија за нејзина дестабилизација.
Говорејќи на конференцијата на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринската партија на неговите конзервативни христијански демократи (ЦДУ), Мерц оцени дека Германија се соочува со исклучително сериозни предизвици.
Тој праша како земјата може да ги заштити слободата и безбедноста во Европа во услови на растечки закани од домашните екстремисти и странските сили.
Мерц повторно се спротивстави на каква било промена на политиката на изолација на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), и покрај повиците од делови на неговата партија да се разгледа можноста за соработка со оваа политичка сила.
„Кој смета дека треба да гласа за тие луѓе, нема место во нашата Унија. Таквите немаат место меѓу нас“, порача Мерц.
Тој ги повика и социјалдемократите (СПД) и Зелените да не влегуваат во коалиција со Левицата во Берлин, обвинувајќи ја партијата дека толерира антисемитизам во своите редови. Левицата ги отфрла обвинувањата дека во партијата постои системски антисемитизам.
Германскиот канцелар предупреди и на, како што ја нарече, „огромна закана“ од Русија, за која рече дека секојдневно се обидува да ја дестабилизира Германија. Односите меѓу Берлин и Москва се на најниско ниво од Студената војна, по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Русија, сепак, ги отфрла обвинувањата дека води хибридна кампања против Германија и други европски земји.
Изјавите на Мерц доаѓаат по неколку недели тензии во владејачката коалиција, по тешките порази на регионалните избори во источна Германија. Таму, АфД освои најмногу гласови во две сојузни покраини, додека Левицата победи на изборите во Берлин.
Во меѓувреме, популарноста на Мерц падна на рекордно ниско ниво.






