Студенчишкото Блато сè уште чека законска заштита. Како природен филтер на Охридското Езеро, блатото го намалува загадувањето, го регулира водниот режим и е живеалиште на бројни растителни и животински видови.
Потребна е долгорочна ревитализација. Прв чекор е отстранување на шутот, обновување на екосистемите и повторно поврзување со езерото.
„Засега, краткорочната цел ни е да обезбедиме негова формална заштита како заштитено подрачје. Потоа треба буквално да се отстрани целиот шут, да се обноват природните екосистеми и повторно да се поврзе со езерото. Станува збор за цел процес на реставрација на блатото“, изјави Методија Велевски од Македонското еколошко друштво.
Во соседна Дебрца започната е постапката за прогласување на Белчишкото Блато, познато и како Сини Вирој, за парк на природата. Станува збор за едно од ретките зачувани блатни подрачја во земјава, со богата биолошка разновидност.
„Во процес е и заштитата на Белчишкото Блато. Се надеваме дека тоа формално ќе се реализира, односно дека наскоро ќе биде донесен соодветниот закон. Во фокусот сега ни е Студенчишкото Блато, каде што веќе имаме воспоставено добра соработка со Општина Охрид. Студенчишкото Блато е поврзано со Охридското Езеро и претставува еден вид заштитна зона, која го спречува загадувањето на езерото и ја подобрува хидролошката состојба“, вели Славчо Христовски, претседател на Македонското еколошко друштво.
Студенчишкото Блато е важен дел од охридскиот екосистем. УНЕСКО со години бара унапредување на неговата заштита, а во одлуката годинава повторно препорача забрзување на постапката за прогласување парк на природата.






