Бугарија нема да ја екстрадира 23-годишната Ива Михаилова од Кочани, по која македонските власти распишаа меѓународна потерница, изјави бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев.
Во интервју, говорејќи за случајот, Демерџиев рече дека Бугарија нема да ја предаде Михаилова на „српските власти“, наместо на македонските, иако станува збор за лице кое го бараат институциите во Македонија.
Откако новинарот го праша дали споменувањето на Србија било случајна грешка или намерен потег, бугарскиот министер призна дека погрешил, но оцени дека не станува збор за „толку голема грешка“.
Ива Михаилова е обвинета во врска со сообраќајна несреќа во која животот го загуби 33-годишниот Бесим Дурмиши.
Случајот предизвика реакции во јавноста откако беше објавено дека таа се наоѓа во Бугарија, а македонските власти трагаат по неа.






