Премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 вели дека нема фаворит меѓу петте кандидати за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чиј избор треба да се одржи на 28 октомври.
Мицкоски појасни дека изборот се спроведува со тајно гласање, при што обвинителите гласаат за еден од петте кандидати, а за победник се прогласува оној што ќе освои најмногу гласови, без одржување втор круг.
„Јас апсолутно се апстрахирам и немам фаворит. Еве, јавно го кажувам тоа, во вашата емисија немам фаворит“, изјави Мицкоски за ТВ21.
На прашањето дали сака да ги избегне реакциите што се појавија при претходни избори во обвинителството, премиерот рече дека во врска со изборот на државниот јавен обвинител немало негативни реакции.
Тој потсети дека претходно имал изнесено свое мислење за една од обвинителките, но нагласи дека тоа не значи дека сега има фаворит меѓу кандидатите за раководната позиција во ОЈО ГОКК.
Мицкоски посочи дека за дел од кандидатите има позитивно, а за други негативно мислење, но одби да навлегува во детали.
Изборот на нов шеф на ОЈО ГОКК е закажан за 28 октомври, кога обвинителите со тајно гласање ќе одлучат кој од петтемина кандидати ќе ја преземе функцијата.






