Проширувањето не треба да се билатерализира, порача шефицата на Европската дипломатија, Каја Калас на Европскиот совет во Брисел. Откако Бугарија го блокира отворањето поглавја на Македонија, а Хрватска има услови за Црна Гора, иако не става вето.
„Многу е важно да не се билатерализира проширувањето. Мора да бидеме посилни заедно и кандидатките се во Европа. Новите членки придонесуваат за безбедноста“, изјави Каја Калас – висок претставник на ЕУ за надворешна и одбранбена политика.
„Ние транспарентно наброивме осум точки поврзани со европските вредности кои долго се нерешени и за кои Црна Гора не направи напредок. Ја нагласувам нашата конструктивна позиција. На пример ја имате Северна Македонија која во 2000-та беше пред Хрватска во институционален поглед, а сè уште не ги отвори преговорите. Постојат две држави кои одземаа 21 година од институционалното приближување на Северна Македонија кон ЕУ. Хрватска не го зазеде тој пристап со Црна Гора“, изјави Андреј Пленковиќ-премиер на Хрватска.
Четири земји кандидатки добија патокази за членство, но со новиот европски буџет се кратат средства. Непознато е издвојувањето за прием на нови членки до 2034-та. Покрај Украина и Молдавија, Црна Гора и Албанија се надеваат на што е можно побрзо пристапување во ЕУ. Не е дефинирано идното финансирањето на реформите за кандидатки со планот за раст. Ирското претседателство откри дека ЕУ не планира прием на нова членка во 2027-ма.
„Обврска на сите во ЕУ е да овозможиме проширување. Последната членка се приклучила во 2013-та. Нема вистинска перспектива за прием на нова членка следната година. Црна Гора е многу близу. Направивме напредок со Албанија и другите кандидатки“, вели Мајкл Мартин, премиер на Ирска.
„Се подготвуваме за претстојното претседателство на Литванија на почетокот на 2027-ма. Се разбира остануваме обединети со Украина. Украина отвори четири кластери поглавја и не гледам пречки да не се отворат и останатите два“, рече Гитанас Науседа, претседател на Литванија.
Земјите членки се поделени околу следниот седумгодишен буџет. На предложеното кратење на буџетот за само 159 милијарди евра се противат Германија, Холандија, Шведска и Австрија кои бараат намалување од стотици милиони евра наменети за конкурентност, истражување, одбрана, надворешна и развојна политика. Издвојувањата за земјоделството и кохезиската политика остануваат непроменети.
„Предлог буџетот не е доволно добар за Холандија оти сакаме приоритет да е конкурентноста, безбедноста и идната благосостојба. За да се исполни ова, мора да се намали буџетот“, изјави Роб Јетен, премиер на Холандија.
„Треба да мислиме помалку на нас, а повеќе што е добро за Европа. Тоа значи трошење. Поддршката за Украина чини пари“, изјави Андрис Кулбергс, премиер на Латвија.
Договорот за следниот европски буџет од над 1.800 билиони евра би требало да биде постигнат до крајот на годината.






