Како претходните така и септемвриските истражувања покажаа дека цели 41 процент од граѓаните нема да гласаат или не знаат за кого би гласале на претстојните избори или, пак, не одговориле на прашањето. „Процентот од 41 отсто укажува дека се зголемува извесна апатичност кај граѓаните. Мислам дека во случајот имаме процес на намалување на партиските јадра на гласачите и дека во моментот имаме сè повеќе неопределени гласачи“, оценува аналитичарот Петар Арсовски.
Зголемена апатичност или вообичаен однос на граѓаните кон прашањето дали ќе излезат на гласачките места во ситуација кога сè уште не е на повидок денот на парламентарните избори? Ваква дилема се јавува во однос на неодамнешната анкета на агенцијата „Маркет вижн“ за порталот Мкд.мк, спроведена минатиот месец, а од која произлезе дека цели 41 процент од граѓаните нема да гласаат или не знаат за кого би гласале на претстојните избори или, пак, не одговориле на прашањето. Ако се додаде на ова и процентот од 44,1 отсто од испитаниците што во одговорот на друго прашање навеле дека немаат доверба во ниту една од партиите, тогаш е јасно дека се случуваат одредени поместувања на релација меѓу граѓаните и политичките партии.
И политичките аналитичари укажуваат дека во анкетите што се прават во земјава и во странство може да се забележи ваков тренд, кој на различни начини ги погаѓа партиите од левицата и од десницата. Но, и тоа дека како што се наближува денот на гласањето така се намалува процентот на оние што сакаат да апстинираат од гласање. Сепак, анкетните резултати претставуваат предупредување до политичките партии.
Се зголемува апатичноста
Резултатите од септемвриското истражување на јавното мнение покажуваат дека во структурата на предупредувачките 41 процент се содржани 26,6 отсто од граѓаните што одговориле на прашањето „За која политичка партија ќе гласате на претстојните парламентарни избори?“ дека „нема да гласаат“. Со „не знам дали ќе гласам“ одговориле 13,1 процент, а 1,3 отсто со „не сакам да одговорам дали ќе гласам“. Истовремено, за владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 19,3 отсто од испитаниците, за СДСМ 5,6, Вреди и за ДУИ по 4,2 отсто, за Левица 4, за ЗНАМ – 1 процент… Доколку се спореди ова истражување со оние направени во март и во јуни од страна на истата агенција, ќе се види дека кај најголем дел од партиите има опаѓање на популарноста.
Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, ова истражување на свој начин укажува дека во извесна мера се зголемува апатичноста кај гласачите.
– Процентот од 41 отсто укажува дека се зголемува извесна апатичност кај граѓаните. Мислам дека во случајот имаме процес на намалување на партиските јадра на гласачите и дека во моментот имаме сè повеќе неопределени гласачи. Тоа не е само македонска специфика туку таквиот процес се случува и во другите земји во светот. Тоа не значи дека овие граѓани утре нема да излезат на гласање, но значи дека во моментот тие се неопределени – наведува аналитичарот Петар Арсовски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Слични резултати околу процентот на граѓани што останале неопределени беа забележани и во март, кога такви одговори дадоа 40,3 отсто и во јуни, кога 41,8 проценти од испитаниците имаа таков став.
– Ваквото намалување на бројот на гласачи што уште сега се декларираат дека ќе гласаат за одредена партија, повеќе го чувствуваат партиите од левицата наспроти оние од десницата, која, сепак, има потрадиционални гласачи. Но, треба да се каже и дека искуствата од нашите избори покажуваат дека од околу 1,9 милиони запишани избирачи на гласачките места, најчесто се појавуваат меѓу 900.000 и милион граѓани. Тоа е некаде околу 50 проценти. Значи, прашањето е колку од нив би гласале конкретно за одредена партија или би направиле промена во својот избор – објаснува Арсовски.
Клучна маса што се обидуваат да ја придобијат партиите
И политичкиот аналитичар Владимир Божиновски наведува дека може да се зборува за намалената доверба на граѓаните во дел од партиите.
– Изборните искуства покажуваат дека на крајот немаме проблем со излезноста. Генерално гледано, излезноста на секои избори е околу 50 проценти, но кога знаеме дека околу 30 проценти од запишаните избирачи не се во земјава на денот на гласањето, тогаш излегува дека одзивот од граѓаните што се тука е и околу 70 проценти. Реално излегува дека имаме висока излезност. А, во однос на процентот од 41 процент што сè уште не решиле околу гласањето, искуствата покажуваат дека сè повеќе ќе се определуваат тие како што наближува денот на гласањето. Но, дилема е како ќе постапат гласачите кај кои се намалила довербата во одредени партии – објаснува Божиновски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Анкетата практично покажува дека голем дел од избирачкото тело во моментот не се идентификува со ниту една од главните политички опции. Вакви резултати се имаат покажано и пред бројни други поранешни циклуси, при што процентот на граѓани што се изјаснуваат како неопределени, одбиваат да одговорат или изјавуваат дека нема да гласаат традиционално е многу висок и најчесто се движи помеѓу 35 и 45 проценти од вкупниот електорат. При ова, бројот на тврдокорни апстиненти е 15-20 проценти, исто како и на оние што сè уште не одлучиле за која партија или опција ќе го дадат својот глас. Процентот на оние што одбиваат во моментот да одговорат на прашањето е од 5 до 10 проценти. При ова, како што се приближува изборниот ден и се засилува политичката кампања така бројот на неопределенитпостепено се намалува, но никогаш не исчезнува целосно. Со тоа, овој број од околу 40 проценти е клучната маса што се обидуваат да ја придобијат партиите, бидејќи токму нивното прелевање или одлука да останат дома на денот на изборите го одредува крајниот победник.
Според аналитичарот Арсовски, во овој период и некои други фактори влијаат силно кај граѓаните.
– Сведоци сме дека се уриваат старите глобални системи и сето тоа создава збунетост кај електоратот. Дел од граѓаните се радикализираат и тоа се гледа по подемот на АФД во Германија, на Мари Ле Пен во Франција и другите политички сили. Суверенизмот, а не глобализмот, станува избор. А дел од граѓаните се во фаза на неодлучност. Тоа не значи дека ќе останат апстиненти, но сигурно значи дека не решиле за кого ќе гласаат. Тие најчесто имаат коментар: „Сите се исти“ – нагласува Арсовски. (Б. Ѓ.)






