Јазиците не треба да се гледаат како граници меѓу луѓето, туку како мостови кон други култури, знаења и искуства, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Гаши истакна дека македонскиот јазик е темелен елемент на идентитетот на македонскиот народ, а неговата заштита и негување се одговорност на целото општество. Тој нагласи дека во мултиетничка држава како Северна Македонија, прашањето на јазиците бара почит, одговорност и постојан дијалог.
„Таму каде што се почитува еден јазик, се почитуваат и луѓето што го говорат тој јазик“, порача Гаши.
Осврнувајќи се на работата на Институтот за македонски јазик, кој повеќе од 70 години се занимава со научно истражување, заштита и унапредување на македонскиот јазик, Гаши оцени дека неговата улога е значајна не само за македонскиот национален идентитет, туку и за заедничката држава.
Тој посочи дека јазичните контакти на Балканот се доказ дека јазиците можат да ги поврзуваат луѓето и покрај нивните различни потекла и особености. Како пример ја наведе сродноста на одредени јазични карактеристики во македонскиот и албанскиот јазик, развиени низ долготрајниот меѓусебен контакт.
„Дури и кога политичките елити би сакале да ги разделат луѓето, јазиците се тие што ги поврзуваат“, истакна претседателот на Собранието.
Гаши се осврна и на предизвиците што ги носат глобализацијата и дигитализацијата, посочувајќи дека националните јазици, особено јазиците на помалите народи, се соочуваат со ризик од губење на просторот за употреба.
Според него, одговорноста не е само да се зачува јазичното наследство, туку и да се одржува живо, да се развива и да се отвора кон светот. Тој нагласи дека младите треба да имаат можност да ги познаваат и почитуваат своите јазици, но и да учат други јазици и да комуницираат со различни култури.
Во обраќањето, Гаши ја истакна и важноста на научната соработка и размената на знаења, посочувајќи дека присуството на истражувачи од различни академски средини и вклучувањето на Денот на францускиот јазик во програмата дополнително го збогатуваат настанот.
Тој порача дека Собранието ја поддржува работата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и на другите научни, образовни и културни институции што придонесуваат за зачувување и зајакнување на идентитетите во државата.
Гаши изрази уверување дека европската иднина треба да се темели на јазичната разновидност, комуникацијата и меѓусебното разбирање, посакувајќи успешна научна програма и плодни дискусии во рамките на Отворените денови на Институтот.






