Финансирањето на буџетските потреби до крајот на годината ќе се обезбедува главно преку домашниот финансиски пазар, со издавање државни хартии од вредност и рефинансирање на доспеаните обврски. Воедно, Министерството за финансии планира и нова емисија на граѓанска обврзница, најави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, министерката објасни дека намалувањето на капиталните расходи кај одредени проекти преку механизмот КАПЕФ е резултат на забавената реализација и неуспешните тендерски постапки. Таа нагласи дека не станува збор за целосно откажување од проектите, туку за пренамена на средствата за кои е извесно дека нема да можат да се искористат до крајот на годината.
Како пример го посочи тендерот на Управата за извршување санкции, за кој биле предвидени повеќе од 200 милиони денари, но постапката не била успешна и ќе треба да се повтори. Таа ги спомена и проектите во Министерството за животна средина и просторно планирање, додавајќи дека проектите за кои веќе се потпишани договори продолжуваат со реализација.
Осврнувајќи се на економските предизвици, буџетскиот дефицит и движењата на цените на енергенсите, Димитриеска-Кочоска посочи дека глобалната економска неизвесност и растот на јавниот долг бараат внимателно управување со јавните финансии. Според неа, владините мерки поврзани со даноците и акцизите придонеле да се спречи прелевање на ценовните шокови во другите сектори.
Министерката оцени дека Македонија во моментов има една од најниските стапки на инфлација, но предупреди дека ограничените буџетски можности не оставаат простор за неограничени интервенции. Таа ги повика граѓаните да ги следат глобалните економски случувања и внимателно да управуваат со личните трошоци.
Во однос на задолжувањето преку еврообврзница за следната година, Димитриеска-Кочоска појасни дека крајот на годината носи поголема побарувачка за финансиски средства на меѓународните пазари, поради што се разгледуваат повеќе можности за оптимално финансирање, вклучително и задолжување преку две одделни емисии.
Таа нагласи дека дел од задолжувањето ќе биде неопходен за сервисирање на еврообврзницата издадена во 2023 година, која носи каматна стапка повисока од шест проценти.
Подготовката на новиот буџет, според министерката, се одвива во согласност со параметрите утврдени во фискалната стратегија. Во наредниот период се планираат координативни состаноци со владините ресори, при што здравствениот сектор и Фондот за здравствено осигурување ќе бидат меѓу приоритетите.
Димитриеска-Кочоска потврди дека буџетските потреби до крајот на годината ќе се покриваат на домашниот пазар. Таа појасни дека најголемиот дел од дефицитот е затворен, а преостанува да се обезбедат средства за рефинансирање на доспеаните домашни хартии од вредност и кредити.






