домаМакедонијаПочинати, иселени и работници на црно ја цицаат државата 25 милиони евра...

Починати, иселени и работници на црно ја цицаат државата 25 милиони евра годишно

- Advertisement -spot_img

Повеќе од 4.500 корисници досега се издвоени како спорни по проверките на системот за гарантирана минимална помош и социјална сигурност. Меѓу нив, според наводите на Владата, има починати, иселени и фиктивни корисници, додека работодавците предупредуваат и за проблемот со лицата што работат на црно. Во земјава, според процените, има околу 110 илјади неформално вработени лица чии приходи не се евидентираат во официјалните системи, што дополнително го отежнува следењето на тоа кој навистина ги исполнува условите за користење социјална помош. Проверките сè уште не се завршени, а надлежните најавуваат продолжување на контролите.

Во системот на социјална заштита во Македонија има лица што примале гарантирана минимална помош иако, според досегашните проверки, не ги исполнувале условите за тоа. Меѓу спорните корисници, според наводите на надлежните, има починати лица, граѓани што се иселиле од државата, но и лица што работат на црно. Досегашните проверки повторно го отворија прашањето за точноста на регистрите и за ефикасноста на контролите во системот на социјална заштита. Според податоците што ги соопшти Владата, досега се утврдени повеќе од 4.500 спорни корисници, а финансискиот ефект се проценува на околу 25 милиони евра годишно.

Сепак, познавачите на состојбите на пазарот на трудот предупредуваат дека проблемот може да биде поширок, особено поради неформалното вработување. Во државата има околу 110 илјади лица што работат без да бидат формално пријавени и чии приходи не се евидентираат во официјалните системи.

Токму кај оваа категорија се отвора прашањето дали дел од лицата истовремено се водат како лица без приходи и користат права од социјалната заштита иако остваруваат приходи од работа.

Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, кај дел од неформално вработените постои интерес да останат надвор од формалниот систем – да добиваат пари во кеш од работодавецот, а истовремено да ги користат и правата од социјалната заштита.

– Од овие 110 илјади работници кои работат на црно, голем број се корисници на социјална помош кои немаат интерес да се вработат легално, туку истовремено сакаат да земаат пари на рака од газдата и да ја цицаат државата – вели Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Како едно од можните решенија, тој ги посочува воспоставувањето електронски регистар на корисници на социјална помош и поврзувањето на базите на податоци на Агенцијата за вработување, центрите за социјална работа и Управата за јавни приходи. На тој начин институциите би можеле полесно да ги споредуваат податоците за вработеноста, приходите и користењето на социјалните права.

Димитров смета дека ограничувањето на плаќањето во готовина е уште еден начин за намалување на сивата економија.

– Најлесен начин да се намали сивата економија е да се избегне плаќањето во кеш. Не станува збор само за оној што плаќа во кеш туку и од каде го обезбедува тој кеш – нагласува Димитров.
Тој додава дека од проценетите 110 илјади неформално вработени, околу 40 илјади лица воопшто не се јавуваат на огласите за работа во Агенцијата за вработување.

– Оние што имаат дипломи, чекаат вработување по струка или работа во државната администрација, а дел од нив се и во странство, бидејќи нема соодветна евиденција во државата. Така, може да се случи лице да работи во странство, а истовремено да се води како корисник на социјална помош во Македонија – појаснува Димитров.
Од Владата, пак, велат дека досегашните проверки покажале повеќе од 4.500 корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност кои, според утврденото, не требало да продолжат да примаат средства.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека меѓу нив имало починати лица, иселени граѓани и фиктивни корисници.

– До овој момент имаме повеќе од 4.500, значи не 45, не 450, туку 4.500 лажни корисници на гарантирана минимална помош и социјална сигурност – рече Мицкоски.
По направените анализи и теренските проверки, износот на средствата предвидени за исплата овој месец е за околу 200 милиони денари помал во споредба со истиот период минатата година, соопшти премиерот. Тој процени дека на годишно ниво, за вакви исплати, од буџетот биле издвојувани меѓу 1 и 1,5 милијарди денари, односно околу 25 милиони евра.

Проверките сè уште не се завршени. Според Мицкоски, останува да бидат проверени уште приближно една петтина од вкупниот број корисници, по што ќе може да се утврди конечниот број на спорни случаи.

Контролите, според најавите, ќе продолжат и во други области, меѓу кои и здравството. Мицкоски оцени дека со подобри контроли и со поврзување на податоците може да се намалат непотребните буџетски трошоци, а ослободените средства да се насочат кон капитални инвестиции и кон други развојни проекти.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img