Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје определил мерки за претпазливост против П.В., виш јавен обвинител од Битола, по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Осомничениот бил сослушан во присуство на неговиот бранител, по што судот ги разгледал фактите и доказите наведени во предлогот на обвинителството и го прифатил барањето за определување мерки за претпазливост.
П.В. се сомничи за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 3, во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Со судското решение му се определени две мерки за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности.
Од Основниот кривичен суд Скопје појаснуваат дека судот не може да определи построга мерка од онаа што ја предложил јавниот обвинител.
Против решението странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.






