Неинформираноста, несигурноста и ранливоста на пациентите и вкоренетата култура на фаќање „врски“ и давање мито ја „хранат“ корупцијата во јавното здравство.
Затоа неопходни се сеопфатни мерки кои ќе ги вклучат и пациентите, и здравствените работници, и надлежните институции во насока на намалување на коруптивните практики.
Ова се главните заклучоци од јавните трибини на тема „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, кои ги организираше организацијата ЕССЕ.
Дарко Антиќ– ЕССЕ: „Она што го истакнуваат и здравствените работници и граѓаните е транспарентност – во смисла сите ценовници, сите услуги кои се покриени од ФЗОМ да бидат јасно назначени кај специјалисти, кај матични гинеколози, во здравствени домови итн…Но, и транспарентност во делот на листите на чекање со цел да нема потенцијална можност за злоупотреба“….
Истражувањата на ЕССЕ покажаа дека корупција најчесто се бара или нуди за побрз термин за преглед кај специјалист или специфична медицинска услуга, прием кај конкретен доктор и добивање болнички кревет или операција без чекање со месеци, но ретко кога се пријавува.
Дарко Антиќ – ЕССЕ: „Она што е најголем проблем е недовербата во системот дека после пријавување на одредена појава на корупција некој соодветно би постапил, а другиот аспект е недостатокот на информации и помеѓу здравствените работници и помеѓу граѓаните и непостоењето на јасни правила, процедури и постапки кои треба да бидат проследени“…
Министерството за здравство пред една година ја промовираше дигиталната алатка за пријавување вакви случаи – но од промоцијата до денес нема никаква информација дали и какви неправилности се пријавени и што е преземено од страна на министерството за здравство.






