Лошо менаџирање на економијата, а не намалувањето на акцизите и ДДВ за горивата е причина за најавениот ребаланс на Буџетот – обвини денеска претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека во текот на месецов се очекува да заврши процесот на ребалансот на Буџетот.
„Ако недостатокот е околу 130 милиони евра, треба да се знаат вистината и фактите во однос на ДДВ и акцизата кај горивата. Вкупниот прилив по основ на ДДВ и акцизи на горива во 2025 година, кога немало криза, бил околу 500 милиони евра, односно околу 470 до 500 милиони евра. Значи дека три месеци требало да не се наплаќаат ДДВ и акцизи за да недостасуваат околу 130 милиони евра, како што кажува премиерот. Што значи – тоа не е вистина, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Опозицискиот лидер оцени дека и покрај намалувањето на ДДВ и акцизата, вкупната цена на горивата во изминатиот период пораснала за повеќе од 50 отсто, што според него значи дека приливите во Буџетот од ДДВ и акцизи не би требало да бидат намалени, туку би требало да останат најмалку на исто ниво.
Реалноста што стои зад ребалансот, според лидерот на СДСМ, е лошо менаџиран Буџет. „Милијарда евра фалат во Буџетот. Не е за тоа виновна кризата. Таа има свој придонес, меѓутоа не до тој степен да треба нов ребаланс. Лошото водење на економијата и на финансиите доведува до тоа да фалат милијарда евра во Буџетот. Од каде ќе дојдат? Нови задолжувања. Нема друг извор на пари за оваа криминална власт, кои повторно ќе ги искористат за своите партиски криминални тендери“, вели Филипче.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски повтори дека ќе се прави ребаланс на Буџетот и изрази очекување дека процедурата ќе биде завршена во текот на октомври.






