домаШоубизБорис Мојсовски: „Не сум режисер или кинематографер, јас сум филмаџија“

Борис Мојсовски: „Не сум режисер или кинематографер, јас сум филмаџија“

- Advertisement -spot_img

Адријана Георгоев

Од Сараево, каде што е роден, преку искуството на војната и бегалството, до Торонто и големите филмски и телевизиски продукции, патот на Борис Мојсовски е истовремено и лична приказна за повторно градење на домот и професионална приказна за човек кој филмот го носи во себе уште од детството. Мојсовски е филмаџија со повеќе лица: кинематографер, режисер и сценарист, подеднакво посветен на визуелниот јазик, пишувањето и режијата. Роден во филмско семејство, како дете поминувал безброј часови на филмските сетови со својот татко Левко Мојсовски, искусен кинематографер, и токму таму започнала неговата фасцинација со киното. Со неговата кариера, Мојсовски станува трета генерација во семејството која професионално се посветува на филмот.

По заминувањето од Сараево, како бегалец студирал филм, а потоа продолжил да се образува во Торонто, каде што работел и како моден фотограф. По магистерските студии по продукција и филмска теорија, започнува професионално да се движи меѓу различните филмски дисциплини. Неговиот талент за кинематографија рано е препознаен и од легендарните кинематографери Вилмос Жигмонд и Ласло Ковач, кои го избираат меѓу десетте млади кинематографери на престижниот Будимпештански мастер клас. Во истата година го добива и „Кодак“ признанието за нови филмски автори.

Како режисер дебитира со „Three and a Half“, филм кој го напишал и помогнал да се продуцира, а кој подоцна има успешен фестивалски живот и кинодистрибуција во Канада, САД, Европа и Азија. Следуваат „Neil“, „Scream of a Butterfly“ и низа други проекти, паралелно со неговата работа како кинематографер. Неговиот визуелен потпис може да се препознае во филмови и серии како „12 Monkeys“, „Taken“, „Between“, „Knightfall“, „Titans“ и „The Lost Symbol“, а како режисер работи и на повеќе епизоди од „Titans“ и „The Lost Symbol“. За епизодата „Thief“ од „12 Monkeys“ ја добива наградата на Американското здружение на кинематографери (ASC). Подоцна ги снима и сериите „Rabbit Hole“ за „Paramount+“ и „Witch Mountain“ за „Disney+“, а работи и на „The Madness“ за „Netflix“.

Но, зад оваа меѓународна филмска биографија стои и една многу лична приказна за човек кој рано научил дека домот може да исчезне, дека идентитетот може да се промени во очите на другите и дека понекогаш повторно се пронаоѓаме токму преку она што создаваме.

На 47. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, Мојсовски се враќа во Битола со „Foreign Tongue“, филм кој го напишал и режирал, но и со искуството на кинематографер кој со години го истражува односот меѓу камерата, лицето и човечката приказна. Фестивалот за него има и посебна семејна тежина: таму како студент доаѓал да учи за филмот, а неговиот татко Левко Мојсовски бил награден на „Манаки“.

Во разговорот за Трн.мк, Борис Мојсовски зборува за Сараево и губењето на домот, за местата што денес ги чувствува како свои, за „Foreign Tongue“ и моќта на јазикот и акцентот, за границата меѓу режијата и кинематографијата, но и за едно од најголемите прашања за филмот денес: што останува исклучиво човечко кога алгоритмите можат да создадат слика за неколку секунди?

За Мојсовски, одговорот е во намерата, емпатијата, љубопитноста и во она што се случува меѓу едно човечко суштество и друго токму таму каде што, според него, сè уште се наоѓа срцето на филмот.

Трн: Родени сте во Сараево, растевте во филмско семејство, а потоа војната ве однесе во сосема друг дел од светот. Колку Борис Мојсовски каков што сте денес е обликуван токму од искуството на губење на домот и почнување одново?

Борис: Секако дека тоа искуство многу ме обликуваше, но се случи и многу одамна. Бев многу млад и мислам дека моето разбирање за тоа кој сум, но и за тоа што е светот, оттогаш многу се промени.
Живеев во различни земји, создадов семејство, изградив кариера, постојано патував, успевав, доживував неуспеси, го менував мислењето за многу нешта. Затоа е невозможно, гледајќи наназад, да издвоите еден настан што ќе објасни сè што следувало потоа. Но напуштањето на домот во услови на војна останува длабоко во вашето битие, во душата и во психата.
Многу рано учите дека работите што ги сметате за трајни не мора навистина да бидат трајни. Домот може да исчезне. Државата може да се промени. Целиот контекст во кој живеете може да се смени. А потоа повторно треба да откриете кој сте, на место каде што никој не знае кој сте биле претходно.
Тоа е една од причините поради кои толку ме интересираат прашањата за идентитетот, перцепцијата и припадноста. Разликата меѓу тоа кои знаеме дека сме и тоа кои светот одлучува дека сме е тема на која постојано се навраќам во сите мои проекти.
Затоа толку често зборувам за нашата двојност, за нашата бескрајна метаморфоза во она што навистина сме, за нашата еволуција кон самите себе.
И токму тоа, секако, е во центарот на „Foreign Tongue“.

Трн: Што за вас денес значи зборот „дом“: Сараево, Торонто или нешто што воопшто не е географско место?

Борис: Всушност, Сараево. Од сите места каде што сум живеел, Сараево сè уште кај мене го буди најсилното чувство дека сум дома. Можам да се вратам по долго отсуство и нешто во мене веднаш го препознава тоа. Не морам ни да размислувам. Но имам неколку домови.

Торонто е дом затоа што таму го поминав најголемиот дел од мојот зрел живот. Таму е моето семејство, таму пораснаа нашите деца и таму изградив голем дел од мојот професионален живот.
Но и Скопје го чувствувам како дом затоа што таму ја запознав мојата сопруга Лилјана. И Битола ја чувствувам како дом. Кумбор го чувствувам како дом. Прага ја чувствувам како дом. Тоа се места каде што сум живеел или сум поминал значаен дел од детството, па секое од нив содржи по една верзија од мене.
Можеби тоа се случува кога географијата на вашиот живот ќе биде прекината уште многу рано. Престанувате да инсистирате домот да биде само едно место.

Се чувствувам навистина привилегирано што можам да пристигнам на неколку места во светот и да имам чувство дека се враќам, а не дека доаѓам во посета.

Трн: Што за вас значи доаѓањето на фестивалот „Браќа Манаки“, фестивал посветен токму на професијата што го одбележала и вашето семејство?

Борис: „Манаки“ беше дел од моето филмско образование. Кога се запишав на ФДУ, во класата на Столе Попов, доаѓав на фестивалот како студент. Значи, уште пред воопшто да имам професионална кариера како кинематографер, „Манаки“ беше едно од местата каде што учев за филмот. Гледав филмови, бев опкружен со кинематографери и ги слушав луѓето како разговараат за сликата.

Но фестивалот беше присутен во мојот живот и пред тоа, преку татко ми, Левко Мојсовски, кој беше кинематографер и кој пред многу години доби награда на „Манаки“. Тој навистина го сакаше фестивалот и ми раскажуваше за него уште кога бев дете.

А тука е и извонредната традиција врз која почива фестивалот. Браќата Манаки се столбови на балканската кинематографија. Затоа моето доаѓање овде денес има повеќе слоеви. Се враќам на фестивал на кој сум доаѓал како студент по филм, каде што бил награден татко ми, во град што во меѓувреме стана дел и од мојот семеен живот. Доаѓам со филм што го напишав и режирав, а истовремено одржувам и мастер клас за кинематографија.
Многу различни кругови се затвораат во исто време.

Трн: Дали „Foreign Tongue“, филмот со кој сте на „Манаки“, повеќе зборува за јазикот или за нашата потреба да ги категоризираме луѓето?

Борис: Мислам дека јазикот е еден од начините на кои ги категоризираме луѓето, но во филмот тоа е многу покомплексно отколку едноставно да се каже дека јазикот е бариера.
Јазикот, секако, нè разделува. Акцентот може да ве одреди уште пред воопшто да сте му кажале нешто за себе на човекот спроти вас. Луѓето ќе слушнат неколку зборови и одеднаш мислат дека знаат од каде доаѓате, какво образование имате, каква е вашата општествена положба, дали припаѓате тука или не.
Кети одеднаш добива босански акцент, а најинтересно е што таа самата воопшто не се променила. Се менува перцепцијата на сите други за неа.

Но јазикот, односно акцентот, ѝ дава и нешто ново. Токму она што почнува да ја одделува од светот што го познава истовремено станува нејзин влез во една друга заедница. Имигрантите во класата по англиски како втор јазик се луѓето кои најлесно ја прифаќаат. Додека тие се обидуваат да ја надминат јазичната бариера за да бидат прифатени од општеството околу нив, Кети преку нив на крајот открива чувство на припадност какво што претходно немала. Значи, во „Foreign Tongue“ јазикот е пречка, но тој е и заедница. Може да ве исклучи, но може и некому да му каже: „Ти си еден од нас“.

А јазичните бариери не се апсолутни. Тие можат да се надминат кога постојат љубопитност и искрена желба да се разбере другиот човек. На крајот, мислам дека филмот токму таа противречност ја истражува. Истите нешта што ги користиме за да ги разделуваме луѓето можат да бидат и оние што нè поврзуваат.

Трн: Вие сте кинематографер, но и режисер. Кога гледате една сцена, прво размислувате како човекот зад камерата или како режисер?

Борис: Веројатно би имал мала резерва кон зборот „првенствено“. Со години ме прашуваат дали сум режисер или кинематографер, а јас секогаш велам дека сум филмаџија. Пишувам, режирам, снимам. Всушност, можеби најмногу од сè сакам да пишувам. И колку подолго го работам ова, толку помалку гледам јасна граница меѓу режијата и кинематографијата. Не гледам сцена и веднаш не размислувам за објективот или за тоа каде да ја поставам камерата. Размислувам за човекот. Чие искуство е ова? Што се случува емоционално? Каде треба да биде публиката? Дури потоа камерата станува начин тоа да се изрази.

Многу зборувам за географијата на лицето затоа што искрено верувам дека човечкото лице може да биде најголемиот пејзаж што го имаме во киното. Понекогаш не треба да измислувате ништо околу актерот. Треба само да препознаете што се случува пред вас и да имате доволно самодоверба да не му пречите.
Една од најважните работи што ги научив од татко ми е дека во критичен момент понекогаш треба да ја жртвувате сликата за да ја добиете изведбата. Филмот е на прво место. Актерот е на прво место. Убав кадар што не му служи на тоа, всушност и не е убав кадар.

Затоа не мислам дека во мене работат два различни мозока. Режијата и кинематографијата се различни одговорности, секако, но за мене и двете се обидуваат да го решат истиот проблем: како да ја внесеме публиката во ова човечко искуство?

Трн: „12 Monkeys“, „Titans“, „The Lost Symbol“, „Rabbit Hole“, „The Madness“. Тоа се сосема различни светови. Како го менувате визуелниот јазик од проект до проект?

Борис: Мислам дека две нешта се случуваат истовремено, иако на прв поглед можат да звучат спротивставено.
На секој проект му е потребен сопствен визуелен јазик. Затоа со години правам нешто што го нарекувам „визуелен манифест“. Ги читам сценаријата, разговарам со шоуранерот, со режисерот или режисерите, сценографот, костимографот, колористот, со другите кинематографери и се обидувам да дефинирам не само како треба да изгледа проектот, туку, уште поважно, какво чувство треба да создава.

Поставуваме правила. Каде ѝ е местото на камерата? Како ги снимаме лицата? Како се движи камерата? Каков контраст има тој свет? Што значи темнината? Што значи бојата? Што е она што во никој случај не го правиме?

И кога еднаш ќе ги поставите тие правила, чудно, станувате послободни. Затоа што јазикот веќе го познавате доволно добро за да знаете кога можете да го прекршите. Но не верувам дека тоа значи дека на секој проект станувам сосема друг кинематографер. Всушност, мислам дека е спротивното.

Нашиот личен начин на постоење се пресликува врз секоја приказна што ја раскажуваме. Нашиот вкус, нашата историја, опсесиите, чувството за убавина, работите од кои се плашиме, начинот на кој гледаме друг човек, сето тоа го носиме со себе.

Тоа е нашиот печат.

Размислувам за големите сликари. Тие не го менувале својот стил во зависност од тоа дали сликаат портрет, пејзаж или сад со овошје. Се менувал мотивот, но нивниот начин на гледање останувал препознатлив. Сопствената визија ја применувале на она што било пред нив. Мислам дека тоа е вистината и за филмот. „12 Monkeys“ не е „Titans“. „Titans“ не е „The Lost Symbol“. „Rabbit Hole“ не е „The Madness“. Световите и приказните бараат различни нешта и, секако, јас одговарам на тие барања.

Но јас и натаму сум јас. И во сите тие различни проекти можете непогрешливо да ме почувствувате.
На мастер класот овде реков дека кинематограферите имаат сопствен стил и оставаат сопствена трага. Во тоа навистина верувам. За мене авторството не значи да му наметнете ист изглед на секој проект. Авторството значи да му дозволите на сопствениот начин на гледање да помине низ секој проект.
Приказната се менува. Окото не се менува целосно. И мислам дека не ни треба.

Трн: Денес алгоритмите можат да создадат слика за неколку секунди. Што останува исклучиво човечко во кинематографијата?


Борис: Мислам дека треба да внимаваме да не ја помешаме алатката со намерата што стои зад неа.
Алгоритмите, вештачката интелигенција, дигиталните камери, виртуелната продукција, сето тоа се алатки. А филмот отсекогаш се развивал преку нови алатки. Секоја технолошка промена на почетокот создава одредена вознемиреност затоа што го менува она што е можно, но и тоа кој може да го направи.
За мене, меѓутоа, важното прашање не е дали алгоритам може да создаде убава слика. Секако дека може. Прашањето е: зошто таа слика постои?

Зад неа мора да има човечка намера. Некој мора да одлучи што е важно во тој момент, чија перспектива ја доживуваме, зошто камерата е блиску или далеку, зошто го гледаме токму ова лице, а не некое друго. И, најважно од сè, мора да постои човечка поврзаност.

Кинематографијата не е само производство на привлечни слики. Стоите во просторија со актер кој се обидува да открие нешто вистинито. Реагирате на друг човек. Забележувате нешто што се случува, а не било планирано. Понекогаш инстинктивно, во дел од секундата, одлучувате дека токму таму, во тој момент, всушност се наоѓа филмот.

Алгоритмот може да биде дел од тој процес. Немам идеолошки отпор кон алатките. Треба да ја користиме секоја алатка што ни е достапна ако ни помага подобро да ја раскажеме приказната.
Но некој мора нешто да сака.


Некој мора нешто да чувствува. За мене, тоа сè уште е човечкиот дел од филмот: намерата, емпатијата, љубопитноста и врската меѓу едно човечко суштество и друго.

Трн: И за крај, кога стоите зад камерата, што сè уште сакате да откриете за светот, а досега не сте го виделе?

Борис: Малку сум опседнат со Бресон и со неговата идеја за чистотата на филмот. Не мислам на чистота во смисла филмот да биде аскетски или интелектуализиран, туку на идејата дека киното има извонредна способност да ни покаже нешто што во ниедна друга форма не би можело да постои на сосема ист начин.
За мене, едно од најголемите чуда на филмот е тоа што можам да го видам светот низ нечии туѓи очи.
Филмаџијата зема нешто сосема обично: лице, соба, човек што оди по улица, светлина што влегува низ прозорец.

Само со одлуката каде да го насочи погледот одеднаш открива свет што сите ние инаку никогаш не би го виделе. Без тој автор, тој конкретен свет едноставно не би постоел за нас. Тоа е она што сè уште сакам да го откривам.

Денес помалку ме интересира да најдам слика што никој никогаш претходно не ја фотографирал. Не сум ни сигурен дека тоа е можно. Ме интересира да најдам начин на гледање што претходно не сум го искусил.
Да погледнам нешто познато низ очите на друг човек и одеднаш да го разберам поинаку.
Веројатно затоа Бресон и натаму толку ме фасцинира. Кај него има отстранување на сè што е непотребно, сè додека не остане нешто речиси елементарно: гест, поглед, звук, постапка. А потоа, на некој начин, тоа станува огромно.

Во своето најдобро издание, токму тоа може да го направи филмот. Му дозволува на едно човечко суштество да каже: „Вака изгледа светот за мене“. А вие, барем за миг, можете да го видите исто така.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img