Моликовите шуми, камените реки, Големото и Мало Езеро – природни богатства по кои Пелистер е препознатлив.
Планината има огромен потенцијал, а ја откриваат и се повеќе странски туристи.
„Утринава влеговме во Националниот парк. Засега ова е многу убаво искуство, паркот е фантастичен, навистина е преубав и добро одржуван“ – вели Лоренцо од Италија
Но, природата сама по себе не е доволна за туристите да останат подолго. На Пелистер недостигаат поголеми сместувачки капацитети.
„Пелистер има многу причини за да се посетува. Пријатна клима, услови за скијање, рекреација, за жал 10 години откако изгоре Копанки се уште не е обновен. Во детското одморалиште некогаш овде престојуваа над 300 деца. Пелистер треба да се направи подостапен“ – вели планинарот Петар Ставрев.
Проблем е и пристапот. Патот од Битола до Пелистер е тесен и во лоша состојба.
„Патната инфраструктира од Битола до соседните градови и до Пелистер е трагикомична, таа е како после бомбардирањето во првата светска војна“ – вели туристичкиот работник, Горан Пинза.
Националниот парк, пак, работи на нови содржини за активен туризам.
„Тоа го покажавме со неколкуте нови пешачки патеки, велосипетската патека, расчистувањето, дообележувањето на планинарските патеки. Станува збор досега за вкупна должина од повеќе од 80 до 90 километри и тука не застануваме“ – рече Иванчо Тошевски, директор на НП Пелистер.
Но, останува прашањето како развојот на туризмот да не биде на штета на природата. Пелистер е чувствителен екосистем, а климатските промени веќе се забележуваат.
„Веројатно ќе бидеме прво подрачје на Балканот кое работи активно на соочување на старата моликова шума и цел еко-систем на Пелистер соочен со климатските промени“ – вели Иванчо Тошевски, директор на НП Пелистер.
Пелистер има што да понуди, но за поголем туристички развој потребни се подобри услови.
Предизвикот е туризмот да расте,но без да се наруши природата.






