Скопје, 3 октомври – Во Музејот на Македонија официјално беше отворена изложбата „Вонредни текстили на Мексико“, по повод одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Соединетите Мексикански Држави и Северна Македонија, пренесува Журнал.мк.
Изложбата ја отворија почесниот конзул на Мексико во Северна Македонија, Албан Малиќи, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вршителот на должност амбасадор на Мексико, Флор де Лис Васкез Муњоз, како и директорот на Музејот на Македонија, Александар Ристевски.
На свеченото отворање присуствуваа бројни претставници на Владата на Република Северна Македонија, амбасадори и членови на дипломатскиот кор, како и истакнати претставници од културниот и јавниот сектор.
Преку традиционалните текстили, боите, мотивите и занаетчиските техники, изложбата го претставува богатото културно наследство на Мексико, создавајќи културен мост меѓу двете земји и народи.
Почесниот конзул на Мексико во Северна Македонија, Албан Малиќи, ја истакна важноста на изложбата за продлабочување на културните врски меѓу двете земји.
„Голема чест и задоволство е за нас, како Почесен конзулат на Мексико во Северна Македонија, да придонесеме кон градењето на овие културни мостови и кон натамошното зајакнување на врските меѓу нашите два народа“, изјави Малиќи.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 2 ноември 2026 година.
Настанот е дел од одбележувањето на 25 години дипломатски односи и има за цел да ја промовира културната размена и зближувањето меѓу Северна Македонија и Мексико.
Од пријателство и култура кон уште посилно партнерство.
















