Две години работа, две години мандат, две години резултати е се наведува во соопштението на Движењето ЗНАМ – „За наша Македонија“ за отчетот за првите две години од парламентарниот мандат на партијата.
„По две години парламентарен мандат излегуваме пред граѓаните со јасна порака: мандатот не е привилегија, туку обврска, а довербата не се оправдува со зборови, туку со работа и резултати. Во Собранието, ЗНАМ не влезе за да биде статист, туку за активно да учествува во креирањето на политиките и одлуките што ја определуваат иднината на државата. ЗНАМ не е само коректор на власта. ЗНАМ е креатор на политики“, порачуваат од партијата.
Нивна цел од почеток, како што истакнуваат, била програмата за која граѓаните гласаа да стане дел од владините политики и да се претвори во конкретни институционални решенија.
„Тоа е нашиот принцип на политичко дејствување: иницијатива, аргументи, институционална работа и резултати. Не веруваме во политика на слепо следење, но ниту во политика на деструкција. Веруваме во одговорност кон граѓаните и резултати во интерес на државата“, потенцираат од ЗНАМ.
Од партијата нагласуваат дека залагаат за фер политичка конкуренција, еднакви услови за сите политички субјекти и демократски изборен систем, вклучително и една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти.
„За нас тоа не е партиски интерес. Тоа е прашање на демократскиот капацитет на Македонија. Нашата политика е јасна: Повеќе работа – помалку политичка бучава, повеќе одговорност – помалку изговори, повеќе резултати – помалку политички театар. Довербата се добива на избори. Но, довербата се оправдува со дела“, велат од ЗНАМ.






